Секој еден земјоделец е важен и преку конкретни мерки и политики што секојдневно ги носиме, во дело покажавме дека сме искрен партнер и водиме грижа за секој еден земјоделец, истакна на трибината во Струмица „Македонското земјоделство на европскиот пат“, членот на Централниот одбор на СДСМ и министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
„Земјоделците денес најдобро знаат која е разликата меѓу СДСМ и ВМРО. Знаат како беше во времето на ДПМНЕ, да се добиваат субвенции селективно, со списоци и закани, но знаат како е и денес кога СДСМ ја води државата. Со еден потпис, во еден ден, со едно решение, исплата кон сите земјоделци, кои исполнуваат услови. Без селекција, без списоци, без притисоци. Бидејќи за нас земјоделецот е важен. Бидејќи за нас секој човек е важен и почитуван. За разлика од нив кој немаат ни почит кон никого и ништо, ниту пак чуле некогаш за тоа“, истакна Николовски.
Од 2017 година до денес, министерството за земјоделство работи транспарентно и отворено, со нов земјоделски пристап. Постојано сме на терен, диреткно од земјоделците ги слушаме проблемите и заедно со нивна директна вклученост ги носиме и ги креираме мерките, а така креираните мерки докажано даваат резултати.