Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николоски денеска по средбата на партиските работни групи во Клубот на пратеници ги претстави предлог забелешките на оваа партија кон Општиот став на ЕУ за преговарачката рамка и Заедничкиот став на ЕУ за преговорите за пристапување.
– Првата точка во која што интервенираме е точка три од Општиот став каде што бараме реченицата „ЕУ ги зема предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија за македонскиот јазик“ да се избришат. Ова го бараме затоа што сметаме дека македонскиот јазик е самостоен, независен и нема што Бугарија да дава мислење во однос на македонскиот јазик кој што ќе станува дел од документите на ЕУ, и предлагаме јасно да пишува дека документите на ЕУ од „Акито“ и сето останато во преговорите ќе бидат на македонски јазик, изјави Николоски.
Николовски рече дека ВМРО-ДПМНЕ бара и во точка пет од Преговарачката рамка да се брише последната алинеја, која што го вклучува Договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година. како и годишните прегледи и мерки за негово ефективно спроведување според членот 12.
– Во точка пет се ставени критериумите според кои што Македонија ќе напредува. За сите држави тоа се Копенхашките критериуми и договорите за стабилизација и асоцијација, само за Македонија се додаваат билатералните договори и специјално членот 12 во кој што е предвидено дека Бугарија ќе има контрола врз нашата историја, нашите учебници, нашето образование и нашата самоидентификација, тоа не можеме да го прифатиме и затоа бараме да се избрише, додаде Николоски.
Тој понатаму објасни дека неговата партија бара во точка 1 да се избришат зборовите „првата фаза од“ односно да нема поделба на првата меѓувладина конференција и да не се условува со промена на Уставот, туку веднаш да започнат преговорите.
– Второ, бараме да се избрише точката 11 која што гласи „оваа преговарачка рамка ќе ви ја презентираме врз основа на Општиот став на ЕУ за време на следниот состанок на меѓувладината конференција која сме подготвени да ја одржиме без понатамошни одлагања или дополнителна политичка одлука, веднаш што Македонија ќе ја спроведе својата заложба за завршување на уставните измени“. Ние сметаме дека уставни измени не се потребни за Македонија да почне преговори со ЕУ, подвлече Николовски.