
Партизација, клиентелизам, поларизација, загадување, сообраќаен хаос и слаби здравствени услуги – на ова се пожалија велешани на дебатата „Кажи си ја маката“, втора од серијата трибини на Граѓанската сила „Замисли“ што вчера се одржа во Европската куќа во Велес. Никола Димитров, претседател на „Солуција“ пред присутните граѓани уште еднаш истакна дека партизацијата го подрива секое ткиво на општеството и дека е редно време да им се намали политичкиот колач на партиите.
„До кога во партиските штабови ќе се одлучува кој ќе биде директор на училиште или лекар на клиника?! Ние кои што сме ‘ничии’ преземаме одговорност и повикуваме на ангажман и мобилизација на сите чесни и посветени граѓани, за заедно, со демократски средства да туркаме во правец спротивен на постојниот, за конечно да нѐ биде!“, рече Димитров. Тој накратко информираше и за првата конкретна иницијатива на „Замисли“, околу промените во Законот за здравствена заштита, коишто треба да го ограничат дискреционото право на партиски поставените директори на здравствените установи при вработувањето на лекари и останат медицински персонал.
Борјан Ѓузелов, политиколог и експерт за анти-корупција, се надоврза на ова истакнувајќи дека партиска политика не треба да значи со промена на власта да се менува и секоја клетка во системот. Според него, преку зајакнувањето на професионалните здруженија од различни сфери може да се намали огромното влијание што партиите во моментов го имаат врз општеството и животот на сите нас.
„Во изминативе 30-ина години доста се работеше на поддршка на граѓанскиот сектор, но професионалните организации и здруженија некако беа во втор план. Граѓанскиот активизам мора да биде противтежа на политичкото влијание што доаѓа од партиите. Чесните професионалци, за коишто верувам дека се мнозинство во институциите, остануваат на страна и недоволно организирани. Ако ја зајакнеме нивната моќ, да слушне нивниот глас, тие ќе ја бранат фелата од непрофесионалните влијанија што доаѓаат од партиите, но и од бизнис моќниците со нивните лукративни интереси, коишто во спрега едни со други често работат на штета на јавниот интерес“, рече Ѓузелов.
Ивор Мицковски, новинар и аналитичар, порача дека сите ние треба да тргнеме прво од самите себе при артикулирање на граѓанскиот крик против неправдите во системот.
„Би го спомнал примерот на советничката во општина Кочани, која си поднесе оставка од функцијата од морални причини и им се извини на нејзините сограѓани за нереализираните, а ветени проекти. Таа изрази згрозување што нејзините колеги во Советот и покрај трагедијата што му се случи на градот, повторно се водат од личните и партиските амбиции. Ни требаат и други вакви примери. Затоа што ако не сега, во моменти кога ни се случува најцрн распад на системот, кога би бил вистинскиот момент секој од можностите на својата позиција доблесно да реагира и да испрати крик, личен протест, да предлага решенија и слично“, рече Мицковски.
На настанот зборуваше и Диме Велев, претседател на Сојузот на здруженија на лица со дијабетес, како претставник од велешката локална заедница.
Осврнувајќи се прво на слабостите во здравствениот систем коишто им предизвикуваат маки на лицата со оваа хронична болест, тој рече дека здравствениот систем е деградиран, а токму клиентелизмот и корупцијата во политиката се клучните причини за оваа состојба.
„Кај нас она што во цивилизираните земји значи политичка партија е сосема вулгаризирано како поим и суштина. Ние наместо партии коишто тргаа од некаква идеологија и според неа предлагаат и спроведуваат политики во интерес на граѓаните, имаме клиентелистички здруженија. Партиите се клиенти на моќниците, а клиентелизмот е уште поопасен од партизацијата, затоа што ја концентрира сета моќ во партиските лидери. И затоа сега имаме класични султан – партии, додека порано имаше поголема демократија во самите партии“, смета Велев.
Тој додаде и дека како сојуз што ги обединува луѓето погодени од дијабетесот, преку активизам и упорни заложби успеале досега да извојуваат некои мали победи во борбата за правичен и фер третман од страна на здравствените власти, но дека имаат уште многу работа, поради клиентелизмот и партизацијата во самиот здравствен систем.