„Ние си го браниме дворот“: Регионален протест во Новаци против депонијата

Протестот против депонија во Пелагонија денеска се прошири и префрли од Битола во Општина Новаци. Демонстранти од Битола, руралната општина Новаци, па и граѓани од Прилеп, денеска го блокираа патот пред зградата на Општина Новаци кој во исто време води кон РЕК „Битола“.

Протестот против депонија во Пелагонија денеска се прошири и префрли од Битола во Општина Новаци. Демонстранти од Битола, руралната општина Новаци, па и граѓани од Прилеп, денеска го блокираа патот пред зградата на Општина Новаци кој во исто време води кон РЕК „Битола“ од 13 часот до 14 и 15 часот, јавува Независен.

„Доаѓам од селото Горно Агларци, депонијата во Мегленци е на растојание од 3 километри. Моето село во 2018 година броеше 250 жители, сега брои 120. За пет години ќе нема ни педесет жители, многу е загрозена животната средина. Во 2018 година во парламентот се донесе закон да се обесштетуваат пелагониските општини од загадувањето од РЕК ‘Битола’. Досега требаше да се вложат над 3 и пол милиони евра, што е направено, ништо“, рече Благој Каранфиловски, жител на Агларци.

Жителите на Новаци излегоа со транспарент – „Гласот на жителите на Новаци против депонија“.

„Се собравме денес за да им порачаме на советниците и на градоначалникот на Општина Новаци дека по сите правила и норми на демократијата ќе се бориме со сите средства да ја спречиме изградбата на регионалната депонија. Јас работам во РЕК ‘Битола’ и овој пат го поминувам два пати на ден. Градоначалникот на Новаци ни кажува дека ќе направат убава првокласна депонија. Градоначалниче, не постои убава депонија. Депонијата е составена од ѓубре, колку помалку ѓубре толку поубава ќе биде“, рече Тони Апостоловски од координативното тело на протестите „Против депонија во Пелагонија“.

На протестот зборуваше и активистот за заштита на животната средина од Иницијативата „Спас за Прилеп“, прилепчанецот Ѓорги Ѓоргиевски, кој рече дека за изградбата на депонија со собирање на смет од 18 општини од југозападниот и западниот регион на државата се засегнати сите пелагонци.

„Сите сме во една ‘каша’ , депонија во најплодната житница не смее да има. Силата е во нас обичните. Ние си го браниме дворот, оти планираме тука да останеме, децата наши тука да живеат, а не да ги праќаме по белиот свет. Не сме во голем број на протестите, но да не се разочарувате. Нашиот 35-годишен молк не донесе овде во Новаци“, рече Ѓоргиевски.

Демонстрантите уште еднаш предложија две опции за депонијата, првата од нив дислокација на депонијата.

„На Криволак пиле не пее, нема води, нема житници, а втората ако направат современа депонија да биде за трите општини, Битола, Новаци и Могила“, рече Зоран Лазаровски од координативното тело.

Од Инцијативата „Против депонија во Пелагонија“ вчера доставија предлог иницијатива за распишување локален референдум во општина Новаци.

Прашањето е: „Дали сте ЗА или ПРОТИВ изградба на Регионална депонија во Општина Новаци и Пелагонискиот регион?“

Предлог иницијативата е поддржана со соодветен број потписи на жители на Општина Новаци.

Инаку големо внимание во Пелагонискиот регион му беше посветено на видеото од обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски во парламентот, минатата недела на токму на темата регионална депонија во Пелагонија.

Премиерот од говорницата кажа дека проектот за депонијата е од времето на СДСМ, законот за задолжување е изгласан од претходното мнозинство. Јавното претпријатие за стопанисување со депонијата го носи тогаш Советот на општина Битола, едногласно.

„Битола како општина одлага смет во општина Новаци, на истата депонија каде што има неред, и дел од домашните животни, за жал таму се хранат. Месото некој ден ќе дојде на нечија трпеза, на вашата, на мојата. И сега под политички притисок, за мене од необјаснети причини, советниците од Битола, меѓу кои и од ВМРО-ДПМНЕ, носат одлука да не се гради оваа организирана депонија  за која финансиери се европски институции. Што ако општина Новаци донесе одлука да не се одлага сметот од Битола во Новаци? Каде ќе го носите отпадот? Зарем јас како професор ќе дозволам да се направи нешто штетно за Битола? Зарем би си дозволил да се направи штета за Битола сега пред локалните избори“ , рече Мицкоски во обраќањето.

Протестите во Битола продолжуваат и утре на новата локација на плоштадот „Магнолија“.