
„Не трениравме магариња преку ‘Еразмус+’“ – се огласи братот на поранешниот пратеник Диме Велковски
Попладнево на Фејсбук се огласи Горан Велковски, поранешен директор на кавадаречко училиште кое добило два проекти преку програмата „Еразмус+“. Тој објаснува дека проектите не биле за тренирање магариња, туку за обука на ученици Велковски е брат на поранешниот пратеник Диме Велковски кој се најде во денешната прес-конференција на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на која партијата обвини дека 205 илјади евра од програмата „Еразмус+“ завршиле кај брат на пратеник на СДСМ, како што велат, за дресирање магариња и правење сирење
Во врска со дезинформациите што се појавија во некои медиуми и на социјалните мрежи, должни сме да ви дадеме објаснување во врска со проектот за кој аплициравме и добивме одобрување во рамките на „Еразмус+“ програмата. Вака ја почнува својата објава на Фејсбук, Горан Велковски, поранешен директор на СОЗШУ „Ѓорче Петров“ – Кавадарци и брат на пратеникот од претходниот состав на Собранието, Диме Велковски.
Неговата реакција доаѓа откако денеска од владејачката ВМРО-ДПМНЕ потсетија на, како што велат, скандалот во кој поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова и поранешниот премиер Зоран Заев доделиле два проекти на братот на пратеникот Диме Велковски во висина од над 200 илјади евра за дресура на магариња и правење сирење.
Поранешниот директор Горан Велковски на Фејсбук напиша дека со проектите не се тренирале магариња, туку проектите ги добило и реализирало училиштето СОЗШУ “Ѓорче Петров”, а опфаќале обука и практична настава за 70 ученици со професори во земји членки на Европската Унија заедно со други училишта и институции.
„Националната агенција за европски образовни програми и мобилности, во рамки на ‘Еразмус+’ програмата, го одобри за финансирање проектот на СОЗШУ ‘Ѓорче Петров’ кој вклучува практична обука на 35 ученици и 5 наставници, во времетраење од две недели во Иваниќ Град, Република Хрватска. СОЗШУ „Ѓорче Петров“ поседува винарска визба, шуми и полиња на кои се одгледуваат различни култури и реализира голем дел од практичната обука на сопствениот имот. Но, училиштето нема фарма за животни каде може да ги реализира практичните часови за сточарство. Затоа, училиштето во рамките на долгорочната стратегија за интернационализација на образованието, предложи проект кој вклучува обука за копитари, пред сѐ за коњи и магариња“, напиша Велковски.
Тој додава дека целта на проектот била учениците да се стекнат со вештини со кои ќе бидат подобро подготвени за професионалниот свет и ќе се подобри нивната вработливост по завршувањето на средното образование.
„Проектот, меѓу останатото е дизајниран и да ги воведе и мотивира учениците да започнат сопствен бизнис. Обуката за копитари се спроведе на фарми за магариња и коњи лоцирани во Иваниќ Град, Хрватска и ќе биде структурирана во четири модули“, објасни тој.
Дел од објавата е и соопштение за, како што е наведено, проектот со краток назив ,,Избери сирење“, кој вклучувал теоретска и практична обука за ученици и наставници од сите партнерски организации (апликанти) за производство повеќе видови сирење.
„Согласно наставните програми од земјоделско-ветеринарната струка СОЗШУ ‘Ѓорче Петров’ – Кавадарци реализира дел по практичната настава за фармерско производство за учениците за производство на млеко и млечни производи (сирење). Тоа е дополнителен мотив училиштето да развие претприемачки идеи за производство на сирење, да го поттикне локално производство кое треба да ги задоволи и потребите на бизнисот“, стои во објавата.
Велковски пишува дека во реализацијата на проектот имало партнерски организации од Хрватска и од Грција.