
Не треба да се наплатува за затворање платежна сметка и за одржување на неактивна сметка
Банките не смеат да наплатат надоместок за затворање на сметка или да наплаќаат провизии за сметки кои не се активни. Ова се дел од новините од новиот закон за платежни услуги кој стапи на сила на почеткот на годинава. Но, овие новини важат и ретроактивно, што значи дека законот важи и за стари сметки отворени од пред 10 години.
Банките на своите веб страни веќе известија за новините, а за ова информираат и од Народната банка.
Па така, банките, штедилниците и сите институции кои во иднина ќе даваат платежни услуги, не смеат да наплатуваат надоместоци за затворање на платежната сметка што граѓаните и фирмите ја користеле подолго од 6 месеци, објаснуваат оттаму.
„Исто така, не смеат да наплаќаат надоместоци на неактивните сметки на граѓаните, а се должни да продолжат да пресметуваат камата на позитивното салдо, согласно договорните услови. Платежната, односно депозитната сметка, се смета за неактивна ако во последните 2, односно 10 години, не е користена од сопственикот, при што давателот на платежни услуги не успеал да воспостави контакт и не добил известување од граѓанинот дека ќе продолжи да ја користи“, стои во соопштението на НБРМ.
Доколку некоја банка сепак ви наплати за овој тип услуга, од НБРМ укажуваат граѓаните да ја известат Централната банка која потоа соодветно ќе постапи.
Инаку на оној начин Централната банка им ја ограничува заработувачката на банките, кои според податоците лани само од провизии заработиле над 100 милиони евра.
Висината на провизиите се различни во сите банки, па така обично околу 50 денари чини плаќањето сметка на шалтер, за користење на електронското банкарство се наплаќа околу 35 денари, а провизијата за водење сметка е околу 40 денари.