Не стивнуваат реакциите околу кандидатурата на Турција за членство во БРИКС

 

Не стивнуваат реакциите на најавите дека Турција и формално сака да се приклучи на БРИКС, платформа за соработка на држави каде главниот збор го имаат Русија и Кина. Ставот на ММФ е дека одлуката на која било земја да се приклучи на БРИКС или други групи на земји е суверен избор, соопшти портпаролот на меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Џули Козак, на прес конференција и додаде дека „ваквите иницијативи треба да се охрабруваат“, објави Турки Тудеј.

На прашањето за потенцијалните ризици поврзани со потенцијалното членство на Турција во БРИКС, Козак истакна дека продлабочувањето на врските меѓу членките на БРИКС, или слични групи, може да ја намали фрагментацијата и да ги намали трошоците за трговија и инвестиции.

БРИКС, економски блок составен од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, неодамна го прошири своето членство со вклучување на Иран, Обединетите Арапски Емирати, Етиопија и Египет претходно оваа година. Саудиска Арабија, исто така, беше поканета да се приклучи, но сè уште не го потврди своето членство. Во меѓувреме, Аргентина, по изборот на Хавиер Милеи, објави дека нема да продолжи со членството во БРИКС.

Земјите од БРИКС имаат колективно население од 3,4 милијарди жители и копно од 45 милиони квадратни километри.

Неодамна рускиот претседател Владимир Путин изјави дека 34 земји изразиле интерес за приклучување кон БРИКС, велејќи дека „интересот за БРИКС е во пораст“. Путин ги поздрави напорите на Анкара, јавуваат турските медиуми. Тој рече дека „целосно ќе го поддржи“ приклучувањето на Турција.

Ако Турција навистина стане членка на БРИКС, група која често се опишува како противтежа на глобалниот поредок предводен од Западот, би можела уште повеќе да се оддалечи од Европската унија – а со тоа и од придобивките од тој единствен пазар од 27 членки.

„Турција има право да одлучува за своите меѓународни партнерства, но ЕУ очекува земјата-кандидат да ги поддржи вредностите на ЕУ, изјави Петер Стано, портпарол на дипломатската служба на ЕУ.

„Очекуваме сите земји кандидати цврсто и недвосмислено да ги поддржат вредностите на ЕУ, да ги почитуваат обврските кои произлегуваат од релевантните трговски договори и да се усогласат со заедничката надворешна и безбедносна политика“, изјави Стано за ДВ.