„Не сме терористи, туку борци за слобода“: Бизнисменот Радоичиќ во целост ја презема вината за настаните во Косово

Довчерашниот потпретседател на партијата Српска листа, Милан Радоичиќ, ја презеде одговорноста за неодамнешните крвави случувања во селото Бањска во Косово, соопшти неговиот адвокат Горан Петрониевиќ. Косовските власти веднаш го посочија Радоичиќ како водач на вооружената група кој во неделата уби полицаец кога сакаше да постави барикади на северот на земјата и потоа цел ден водеше престрелки со косовските сили, пред да се забарикадира во манастирот во Бањска. Во овие борби загинаа и четворица напаѓачи.

„Ја известувам јавноста дека на 24 септември со мои сонародници дојдов на северот на Косово и Метохија. Причината за моето враќање беше да го охрабрам народот во отпорот против режимот на Албин Курти. Во тоа немав никаква помош од властите во Белград, ниту ги имав известено за моите намери. Лично ги спроведов сите логистички подготовки за одбрана на српскиот народ од окупаторот“, стои во соопштението на Радоичиќ.

Тој кажа дека косовскиот полицаец загинал случајно, од експлозија која не била наменета никому.

„Ние не сме никакви терористи, туку борци за слобода на сопствениот народ“, додаде Радоичиќ.

Тој претходно поднесе оставка од функцијата потпретседател на Српска листа, најголемата партија на косовските Срби.

Радоичиќ е контроверзен бизнисмен кој се доведуваше во врска со убиството на косовскиот политичар Оливер Ивановиќ, пред налогот за негово апсење да биде повлечен. Неговите фирми беа ангажирани на неколку големи проекти во Србија, а поради врските со меѓународниот организиран криминал, САД и Велика Британија го ставија на својата црна листа.