Не се исклучува наставниците да штрајкуваат во текот на септември: Незадоволни се од платите и условите за работа

Штрајк на првиот ден од учебната година нема да има. Но, од независниот синдикат за образование не ја исклучуваат можноста наставниците да излезат да штрајкуваат во текот на септември, бидејќи се незадоволни од платите и условите за работа.

Претседателот Томислав Гиевски во телефонски разговор за ТВ 24 вели дека активно работат на терен за окрупнување на членството за да постигнат репрезентативност, а предвидени се и средби со Министерството за образование, по што ќе излезат со конректни информации во јавноста.

Од репрезентативниот синдикат, СОНК пак, засега не гледаат причини да се штрајкува, бидејќи очекуваат во септември да се потпишат колективните дговори и просветните работници да добијат повисоки плати.

„Ние како СОНК сметаме дека во период на преговори со МОН кадешто има зголемување дополнително на платите во дејноста образование, основно и средно и секако пред прагот на потпишување на колеткивни договори за основно и средно образование сметаме дека не постојат сериозни услови за влегување во штрајк“, вели Јаким Неделковски.

Од Министерството за образование пак велат дека во тек се преговорите со СОНК за новите колективни договори порачуваат дека во моментов најмалку се потребни нови грижи за учениците и прекинување на нивниот воспитно – образовен процес и нагласуваат дека се отворени за соработка со синдикалните организации.

„Информираме дека во моментов Министерството за образование и наука е во преговори со репрезентативниот синдикат во образованието – СОНК за потпишување на нов колективен договор кој ќе предвиди повисоки плати за наставниците и стручните соработници, како и низа нови права и можности за кариерен и професионален развој на оние од кои најмногу зависи квалитетот на генерациите кои се создаваат. “, велат од министерството за образование.

Во меѓувреме како што соопштија вчера од МОН, се дистрибуираат учебниците во училиштата во главниот град како и во општините во северниот и западниот дел на државата. Единствено шестоодделенците ќе треба да почекаат за нивните учебници да ги поминат сите фази на процесот на одобрување, за кои се очекува да бидат готови во текот на септември. До тогаш како алтернатива ќе се користат помошни материјали кои ќе бидат објавени во електронски фомат на веб-страницата на Бирото за развој на образованието.