Не гласале болните и изнемоштените во Ново Село, поради грешка на гласачките ливчиња

Избирачките одбори утрово не заминале кон домовите на болните и изнемоштени во општината за да можат тие да гласаат. Според неофицијални информации, сменети се редните броеви на двајца носители на листите за советници.

Грешка во испечатените редни броеви на носители на советнички листи на гласачкото ливче, утринава го спречија гласањето на болни и изнемоштени луѓе во Општина Ново Село , објави СДК.

На овие локални избори во Општина Ново Село пријавени се 400 лица кои со медицинска документација потврдиле дека не можат утре да излезат на избирачките места да гласат, па согласно законот, своето право требаше да го остварат денеска.

Избирачките одбори утрово не заминале кон домовите на болните и изнемоштени во општината за да можат тие да гласаат. Според неофицијални информации, сменети се редните броеви на двајца носители на листите за советници.

За случајот е информирана Државната изборна комисија. Оттаму истакнаа дека гласачкиот материјал за советници е повлечен и се дистрибуира нов и дека сите болни и изнемоштени ќе го остварат своето право.

„Избирачкиот материјал од Општина Ново Село е повлечен. Таму денеска ниту едно пријавено болно или изнемоштено лице нема гласано. Станува збор за гласачки материјал за советнички листи. Се дистрибуира нов и сите болни и изнемоштени лица ќе гласаат“, соопштија од ДИК.