Не ги менувам ставовите преку ноќ, вели Мицкоски за интерпелацијата на Коцевски

„Јавноста ќе види утре, но ние како политичка партија и јас како човек не ги менувам ставовите преку ноќ“, рече Мицкоски во изјава за медиумите.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека неговата партија и тој како човек не ги менуваат ставовите преку ноќ, одговарајќи на новинарско прашање дали пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи интерпелацијата на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски закажана за утре, 29 јули во Собранието, а која на крајот на јуни годинава ја поднесе шестчлената пратеничка група на Левица.

„Јавноста ќе види утре, но ние како политичка партија и јас како човек не ги менувам ставовите преку ноќ“, рече Мицкоски во изјава за медиумите по отворање на базен во ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ во скопската општина Кисела Вода.

Собраниската расправа за интерпелацијата за работата на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски е една од точките на предлог-дневниот ред за утрешната 64. пленарна седница, претпоследна пред пратениците да заминат на одмор на почетокот на август.

Интерпелацијата за работата на републичкиот јавен обвинител кон крајот на јуни годинава ја поднесе пратеничката група на Левица поради нефункционалност и политички влијанија врз работата на Јавно обвинителство.

Како образложение за интерпелацијата од Левица наведоа дека таа се темели на четири основи – селективност во истрагата за пожарот во Кочани, политичко влијание во работата на Обвинителството, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје.

Коцевски минатата недела достави писмен одговор до пратениците во врска со интерпелацијата за неговата работа.

Во него, најпрво вели дека иако поднесената интерпелација е недозволена согласно закон, фактот што подносителите без никаков аргумент бараат негова одговорност, покажува дека оваа интерпелација е политички, а не правно заснован инструмент со кој се овозможува упад во самостојноста на Обвинителството.

Државниот обвинител во документот дава и одговор на четирите точки кои Левица ги наведе како клучни причини за поднесената интерпелација.

Според него, функцијата ја врши чесно и одговорно, со максимално почитување на начелата на транспарентност и отчетност, дека интерпелацијата е законски недозволена и дека институцијата е предмет на неосновани напади, што се причина за ниската доверба во јавноста.

На крајот на писмениот допис до пратениците, државниот јавен обвинител апелира на отфрлање на интерпелацијата која, како што вели, нема ниту една законска основа и воопшто не би смеела да биде поднесена. Со нејзино отфрлање, додава тој, се заштитува институцијата јавен обвинител и неговата самостојност гарантирана со Уставот и законите.