
Нетанјаху по состанокот со Трамп му се извини на Катар поради нападот врз Хамас во Доха
➡ По средбата со Трамп, на која разговараа за завршување на израелската војна во Појасот Газа и за развојот на американскиот план за управување со таа разурната палестинска територија по војната, Нетанјаху телефонски го повика катарскиот премиер Мохамед Бин Абдулрахман Ал Тани, соопшти Белата куќа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го искористи денешниот состанок со претседателот на САД, Доналд Трамп, во Белата куќа за да упати официјално извинување до Катар поради неодамнешниот воздушен напад врз претставници на палестинскиот Хамас во Доха, кој предизвика гнев кај арапските лидери и ретка критика на Вашингтон кон Израел.
По средбата со Трамп, на која разговараа за завршување на израелската војна во Појасот Газа и за развојот на американскиот план за управување со таа разурната палестинска територија по војната, Нетанјаху телефонски го повика катарскиот премиер Мохамед Бин Абдулрахман Ал Тани, соопшти Белата куќа.
– Како прв чекор, премиерот Нетанјаху изрази длабоко жалење што во израелскиот ракетен напад врз позиции на Хамас во Катар ненамерно беше убиен катарски војник. Тој исто така изрази жалење што Израел, таргетирајќи го раководството на Хамас во време на преговори за заложниците, го наруши катарскиот суверенитет и потврди дека Израел нема да повтори ваков напад во иднина, се наведува во соопштението на Белата куќа.
Разговорот на Трамп и Нетанјаху во Белата куќа, како и извинувањето на израелскиот премиер, доаѓаат во време кога Израел е сè поизолиран и ја губи поддршката на многу земји што долго биле негови сојузници. Дополнително, коалицијата на Нетанјаху делува понестабилно од кога било, а Белата куќа покажува знаци на нетрпение, пренесе Бета.
Израел на 9 септември изврши воздушен напад врз седиштето на политичкото раководство на Хамас во Катар, каде водечките личности на оваа палестинска организација се собраа за да го разгледаат американскиот предлог за примирје во Појасот Газа. Никој од високите претставници на Хамас не загина во нападот.
Нападот врз територијата на Катар – американски сојузник, земја богата со енергенси во која се стационирани илјадници американски војници и која беше главен посредник меѓу Израел и Хамас – претставуваше ескалација и ризикуваше да ги наруши преговорите за ставање крај на војната и ослободување на заложниците.
За нападот врз Катар, Трамп изјави дека „не е во согласност со интересите ниту на Израел, ниту на САД“.