Нетанјаху: Нема место во Иран или на Блискиот Исток до кое нема да допре долгата рака на Израел

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го нарече убиениот шеф на Хезболах „централниот мотор“ на иранската „оска на злото“ и потврди дека Израел стои зад неговото убиство.

„Тој и неговиот народ беа архитекти на планот за уништување на Израел. Тој не беше активиран само од Иран, многупати тој го активираше Иран“, рече Нетанјаху.

Тој вели дека дошол до заклучок дека „моќните удари“ што ИДФ ги зададе на Хезболах оваа недела нема да бидат доволни.

„Се додека Насрала беше жив, тој брзо ќе ги вратеше можностите што му ги одзедовме на Хезболах. Затоа ја дадов директивата и Насрала повеќе не е со нас“, нагласи тој.

Тој го поврза убиството со ситуацијата во Газа, тврдејќи дека Хамас побрзо ќе ги ослободи заложниците ако види дека Хезболах е ослабен.

„Би сакал да им се заблагодарам на ИДФ, воздухопловните сили, Министерството за одбрана, Мосад и Шин Бет за големите достигнувања. Граѓани на Израел, имаме големи достигнувања, но работата се уште не е завршена. Ќе се соочиме со значајни предизвици во наредните денови и ќе се соочиме со нив заедно“, најави Нетанјаху.

Тој ја поздрави оваа недела како „историска пресвртница“ и рече дека „Израел е на потег“.

„Нема место во Иран или на Блискиот Исток до кое нема да допре долгата рака на Израел, а денес веќе знаете колку е тоа точно“, заклучи тој.