Нетанјаху: Има знаци дека ајатолахот Хамнеи „веќе не е со нас“

Израелскиот премиер изјави дека нападите врз Иран ќе доведат до „вистински мир“ и ќе продолжат сѐ додека е потребно

Се зголемуваат знаците дека врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, „веќе го нема“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во видео изјава до јавноста.

Тој рече дека утрово Израел елиминирал команданти на Иранската револуционерна гарда, високи функционери на иранскиот режим, високи нуклеарни функционери и дека во наредните денови „ќе погодиме илјадници цели на терористичкиот режим“.

Тој вели дека Израел ќе создаде услови иранскиот народ да се „ослободи од синџирите на диктатурата“.

Операцијата против Иран „ќе продолжи сè додека е потребно“, рече Нетанјаху, „и неопходна е издржливост“.

Тој му се заблагоди на американскиот претседател Доналд Трамп за неговото „историско водство“.

„Тој е лидер кој го држи зборот“, вели Нетанјаху.

Премиерот рече дека операцијата „ќе доведе до мир, вистински мир“.

Телевизијата Канал 12 објави дека на премиерот Бенјамин Нетанјаху и на американскиот претседател Доналд Трамп им била прикажана слика од телото на иранскиот врховен лидер Али Хамнеи, откако иранските власти го извлекле од неговиот комплекс во Техеран.

Израелскиот амбасадор во САД, Јехиел Лајтер, ги информираше американските претставници дека Израел успеал да го убие Хамнеи, изјави извор запознаен со ова прашање за „Тајмс оф Израел“, потврдувајќи го извештајот на новинската страница „Аксиос“.

Нетанјаху вели дека Израел тргнал во војна за „фундаментално да ја промени“ ситуацијата во која Иран бил на пат кон нуклеарно оружје што би му овозможило драстично да ги зголеми заканите против своите соседи.

Разурнатиот и во чад комплекс на Али Хамнеи во Техеран

Малку подоцна израелски функционер во изјава за тамошните медиуми изјави со сигурност дека ајатолахот Хамнеи е мртов.

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот одлучи да го нападне Иран откако од врвните американски претставници слушна дека најновиот ирански контрапредлог во нуклеарните разговори меѓу САД и Иран е „глупост“ и дека има намера само да му купи време на Техеран, изјави висок американски функционер за израелскиот Канал 12.

Претставницитена Трамп за нуклеарните разговори, Џаред Кушнер и Стив Виткоф, воделе „сериозни преговори“ со Иранците, надевајќи се сериозно да постигнат договор, но на крајот сметале дека Иранците не се подготвени да направат компромис во врска со барањата на САД, според функционерот.

По последната рунда разговори во Женева во четвртокот, Кушнер и Виткоф му кажале на потпретседателот на САД Џ.Д. Венс преку телефон дека разговорите „не водат никаде… ние сме многу разочарани“.

Потоа Венс го информирал Трамп за време на летот на претседателот за Тексас во петокот, што го навело конечно да одлучи за нападот, изјави функционерот за Канал 12.

Откако Канал 12 објави дека тој бил цел меѓу главните ирански функционери цел на американските и израелските напади, врвниот помошник на врховниот лидер Али Хамнеи, Али Лариџани, објави соопштение на својот Икс профил.

„Ќе ги натераме ционистичките криминалци и бесрамните Американци да се покаат за своите постапки. Храбрите војници и големата нација Иран ќе им одржат незаборавна лекција на пеколните меѓународни угнетувачи“, напиша Лариџани на Твитер.

Хамнеи наводно поставил детални планови за неговото наследување и итни командни синџири доколку тој или други врвни лидери бидат убиени во потенцијални американски или израелски напади, со што долгогодишниот лојалист Лариџани ќе може да ја управува кризата.