Израел утринава уништи илјадници ракети на Хезболах, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, додавајќи дека израелската влада е решена да направи се за да ја заштити земјата.
– Утрово ги откривме подготовките на Хезболах за напад на Израел. Во консултација со министерот за одбрана и началникот на Генералштабот на ИД, и наредивме на нашата армија да дејствува проактивно за да се отстранат заканите – рече Нетанјаху на вонредна седница на Кабинетот за национална безбедност.
Хезболах претходно соопшти дека извршил напад во првата фаза врз Израел како одговор на убиството на главниот командант на групата, Фуад Шукр, минатиот месец, при што беа погодени 11 израелски воени локации.
Според Нетанјаху, оттогаш израелската армија интензивно работи на спречување закани и уништила илјадници ракети кои биле насочени кон северот на Израел, а исто така спречува и многу други закани и дејствува со голема сила во одбраната и нападот, пренесе Тајмс оф Израел.
– Решени сме да направиме се за да ја заштитиме нашата земја, безбедно да ги вратиме жителите на северот во нивните домови и да продолжиме да го следиме едноставното правило: Кој и да не повреди нас, ќе го повредиме и него – рече Нетанјаху.
Хезболах соопшти дека повеќе од 320 ракети и голем број беспилотни летала биле истрелани врз цели во северен Израел.
Министерот за одбрана на Израел Јоав Галант објави дека прогласил вонредна состојба од 48 часа, а претставникот на израелската армија Даниел Хагари изјави дека десетици израелски воени авиони напаѓаат цели во јужен Либан.