Нетанјаху ги осуди нападите на израелските доселеници на Западниот Брег

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неколку министри од Кабинетот синоќа ги осудија новите напади од страна на радикалните израелски доселеници на окупираниот Западен Брег.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неколку министри од Кабинетот синоќа ги осудија новите напади од страна на радикалните израелски доселеници на окупираниот Западен Брег.

Нетанјаху рече дека мала екстремистичка група е одговорна за насилството и дека таа не го претставува поширокото население на доселеници.

Министерот за надворешни работи Гидеон Саар изјави дека „еврејските бунтовници“ ѝ штетат на државата Израел и предизвикуваат штета на „проектот за населување“ на Западниот Брег. Министерот за одбрана Израел Кац, исто така, го критикуваше насилството.

Израелските населби на палестинската територија се незаконски според меѓународното право.

Во Шестдневната војна во 1967 година, Израел ја презеде контролата врз Западниот Брег и Источен Ерусалим. Денес, околу 700.000 израелски доселеници живеат таму меѓу три милиони Палестинци. Палестинците ги бараат овие области за идна држава со Источен Ерусалим како главен град.

Според израелската војска, десетици доселеници вчера запалиле и оштетиле куќи и возила во палестинско село во близина на Витлеем. Израелските безбедносни сили трагаат по инволвираните.

Претходно истиот ден, израелските безбедносни сили расчистиле импровизирана населба, соопштија полицијата и војската.

Ова довело до „насилни немири“ во кои учествувале стотици луѓе. Тие наводно ги нападнале безбедносните сили со железни прачки, при што биле повредени неколку лица. Шестмина осомничени биле приведени, соопштија властите.