Непознато е колку патници исчезнаа по железничката несреќа во Грција

И денеска спасувачките екипи и пожарникарите се во потрага и проверка на вагоните за преживеани и исчезнати лица по железничката несреќа што во вторникот вечерта се случи кај месноста Темпи во близина на грчкиот град Лариса.

Продолжува и идентификацијата на жртвите во болницата во Лариса, преку ДНК примероци од роднините на лица кои биле во возот, а бројот на исчезнати се уште останува непознат.

На социјалните мрежи се објавуваат фотографии на студенти – патници во возот за кои нивните семејства бараат помош и било какви информации.

За железничката несреќа уапсено е едно лице, 59-годишниот шеф на железничката станица, кој се чини, според грчките медиуми, дека признал дека направил грешка во насоките што им ги дал на машиновозачите и на патничкиот и на товарниот воз.

Се очекува, во текот на денешниот ден, уапсениот да биде изведен пред истражен судија и обвинител.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, вчера рече дека „се чини дека драмата се должи, за жал, главно на трагична човечка грешка“.

По оставката на министерот за транспорт и инфраструктура Костас А.Караманлис, кој ја презеде политичката одговорност, на негово место, до изборите, доаѓа досегашниот државен министер Јоргос Герапетритис.

Во Грција денеска е втор ден на жалост, а земјата доживее една од најголемите железнички трагедии во последните 50 години.