Неопходни стабилни прописи и регулативи на берзите за криптовалути! Директорот на „Binance“ на самитот G20

Главниот извршен директор на доминантната компанија на пазарот за криптовалути „Binance“, Чангпенг Жао, повикал на нови, но стабилни и јасни прописи за криптоиндустријата.

Потребни ни се некои прописи, мораме тоа да го направиме како што треба, мораме тоа да го направиме на стабилен начин“, рекол Жао на собирот на лидерите на G20 самитот на Бали. Неговите коментари доаѓаат во време кога неговите колеги од крипто индустријата и партнери ги дефинираат потезите насочени кон соочување со колапсот на конкурентната берза „FTX“.

„FTX“ во петокот поднела барање за банкрот откако клиентите почнале да ги повлекуваат своите криптовалути, а „Binance“ се откажал од понудата за спасување.

„Мислам дека индустријата колективно има улога во заштита на потрошувачите, да ги заштити сите. Не станува збор само за регулаторите. Тие имаат своја улога, но тоа не е 100 проценти само нивна одговорност“, рекол Жао.

Во текот на викендот Жао преку Твитер објавил дека „Binance“ престанал да прифаќа депозити на FTT токенот на FTX на својата платформа и ги повикал и другите берзи да го направат истото.