Полициската станица во англискиот град Сандерленд беше запалена за време на немирите кои избија синоќа.
Полицијата ги опиша овие немири како „криминално насилство“.
Немирите избувнаа како одговор на неодамнешниот напад, кога момче на 17-годишна возраст со нож уби три девојчињата за време на час по танци во крајбрежниот град Саутпорт.
Според Гардијан, до немирите дојде по погрешно објавената информација дека напаѓачот е 17-годишен азилант, кој е муслиман, поради што беа покренати протести од екстремната десница насочени против бегалците и муслиманите.
Насилни инциденти избувнаа во Саутпорт, североисточниот град Хартлипул, главниот град Лондон и на други места како реакција на лажните информации кои брзо се проширија на социјалните мрежи. Според нив, осомничениот за убиствата со нож е радикален исламски имигрант.
Полицијата објасни дека осомничениот Аксел Рудакубана е роден во Велика Британија.
Група од десетина имами, координирани од Националниот советодавен одбор на џамии и имами, се здружи со христијански и еврејски верски лидери во знак на солидарност пред џамијата во Саутпорт која беше нападната претходно оваа недела.
Архиепископот од Кентербери повика на прекин на насилството, велејќи дека е „целосно неприфатливо муслиманските заедници и заедниците на азилантите да се чувствуваат толку небезбедно“.
На градскиот плоштад Кил се собраа стотици незадоволни граѓани кои фрлаа камења врз полицијата. Некои од демонстрантите беа завиткани во англиски знамиња и извикуваа поддршка за екстремно десничарскиот активист Томи Робинсон, како и навредливи пароли за исламот.
Полицијата интервенираше и во Ливерпул, каде демонстрантите се собраа пред џамијата каде што избувна мала тепачка со група контрадемонстранти. Контрадемонстрантите скандираа: „Кажи гласно, кажи јасно – бегалците се добредојдени тука“ и „Вие не зборувате во име на Сандерленд“.
Градоначалничката Ким Мекгинес изјави дека е згрозена од сцените во Сандерленд.
„Ако вашиот одговор на трагедијата е да ја искористите за насилство и малтретирање на другите, напад врз полицијата и оштетување на имот, вие поддржувате само криминал и насилство. Тоа не е протест. Тоа е злосторство и неред. Вие не зборувате во име на Сандерленд. Вие не зборувате во име на оваа област“, рече таа.
Ова е трета ноќ на протести во градовите во Англија, а според најавите, протестите ќе продолжат и во текот на викендот.