Нема субвенции за ЈСП, колапс на градскиот превоз во Скопје

Јавното сообраќајно претпријатие нема да ги добие субвенциите со кои треба да подели плати, одлучи Советот на Град Скопје. Од членовите 22 гласаа „за“, а 13 гласаа „воздржано“. Немаше ниту еден советник кој гласаше „против“.

Со препукувања меѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска се одвиваше вонредната седница на Советот на Град Скопје, откако денес градот остана без јавен превоз.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека нема да гласаат за буџетот бидејќи не може Градот постајано да му дава милионски сум на ЈСП „Скопје“ затоа што Арсовска и директорот Крсте Петревски не знаат да менаџираат со претпријатието.

„Дајте си оставка градоначалничке и одма ќе помогнете да се реши проблемот што нема автобуси во Скопје. После вас оставки да си дадат и пајташите околу вас, претседателке на Нова алтернатива. Во ноември ви дадовме пари за субвенции за плати за ноември и декември, каде се тие пари, кога сега пак барате средства за декемвриска плата“, рече Малиша Станковиќ од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

На говорот на Станковиќ на говорницата излезе Арсовска која кажа дека ВМРО-ДПМНЕ намерно создава кризи, во овој случај со јавниот превоз.

„Сè што кажавте денес сè излажавте, вие грам грижа немате за вработените кои смрзнуваат надвор. Намерно креирате криза за после, демек, ја решавате. За точкава не зборувате затоа што нема што да кажете и само лажете. Кога бевте опозиција гласавте за субвенции, сега не гласате. Мицко одма да си даде оставка оти цело време лаже“, кажа Арсовска.

Утрово од 9 часот Скопје повторно остана без јавен превоз. На улиците немаше автобуси на ЈСП „Скопје“, ниту на приватните превозници. Шоферите и вработените во администрацијата на ЈСП, поддржани од директорот Крсте Петревски и раководството на претпријатието, дојдоа пред Град Скопје. Бараа советниците да гласаат за одлуката за субвенционирање за да можат да земат плата.

Приватните превозници се приклучија на штрајкот бидејќи и тие немаат добиено пари од ноември.

На минатата седница на Советот, одлуката за доделување 11 милиони евра субвенции не помина, оти за неа не гласаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ.