Пациенти на Клиниката за радиотерапија и онкологија останаа без биолошка терапија. Во моментот ги нема лековите „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“.
Најтешко болните пациенти стравуваат дека за брзо време може да ги снема и „trastuzumab emtansine (kadcyla)“, „nivolumab“, „cobimetinib“ и „vemurafenib“.
„Фокус“ разговарараше со дел од нив, на кои им рекле да пијат витамини додека не им се обезбеди неопхдната терапија.
„Како можам јас да чекам и да пијам витамини, кога имам метастази. Не сум добра. Ми кажаа дека ги немаат и не знаат кога ќе ги добијат. Инекциите фазлодекс немало, лековите палбоциклиб исто така немало, ќе ми се јавеле кога ќе добијат. Јас не смеам да останам без терапија. Имав првично карцином на града, сега на црн дроб, па на бел дроб. Само со последен пет скен, со овие лекови ми дадоа малку надеж дека е стопиран и неактивен канцерот. Сега веќе ги нема, зарем пак да се активира се“, раскажува за „Фокус“ една од пациентките на клиниката.
„Клиниката за онкологија не е во можност да одговори на зголемувањето на бројот на пациентите со метастатски канцери и тоа е една од причините зошто се појави овој недостаток. Како втора причина и нешто што ние пациентите го гледаме како позитивен исход, а тоа е: се продолжува животот на пациентите и затоа подолго период имаат потреба од оваа терапија.
Иако минатата година со анекс се одобрија дополнителни сретства, очигледно и тие не беа доволни. Недостаток на терапија има од петокот, се обидува Онкологија да добие дополнително средства да се затвори оваа дупка до одобрување на новиот буџет, изјави Ана Марјановиќ, пациентка и дел од здружението „Хема-онко“.
Според неа, како пациентка и како здружение, инсистираат да има промена на Позитивната листа.
– Доколку Фондот за здравство и Министерството имаат разбирање за итноста на оваа промена и најдат соодветно решение, во иднина овие проблеми од немање терапија што значи живот за многу пациенти, нема да бидат предмет за дискусија. Затоа повторно апелираме до Министерството и Фондот за здравство да се најде моментално решение за пациентите кои во овој период се оставени без терапија, но и да се работи на решение за истите овие лекови во иднина да бидат на Позитивната листа, вели Марјановиќ.
Преземено од Фокус