Засега нема информации дека на Србија и се заканува терористички акт, додека меѓу загинатите и повредените во нападот во Москва нема српски државјани, изјави секретарот на Советот за национална безбедност на Србија, Ивица Дачиќ, по одржаната седница на телото.
Дачиќ изјави дека на состанокот на Советот е констатирано дека и покрај сите предизвици во земјата, регионите и светот, безбедносната состојба е стабилна, но и дека сите надлежни органи мора да ги преземат сите мерки на претпазливост за да се спречи каква било можност за терористички акт или сериозно нарушување на јавниот ред и мир, со опасност по животот на луѓето.
Тој посочи дека, според достапните информации од Русија, не е пријавено дека меѓу загинатите и повредените во Москва има државјани на Србија.
„Известено е дека еден наш државјанин бил присутен на настанот каде што е извршен терористичкиот напад. Но, на списокот на загинати и повредени нема наши граѓани. Тоа не значи дека оваа информација не може да се промени, имајќи во предвид дека бројот на загинати е драстично зголемен во споредба со вестите од синоќа [петок навечер]“, рече Дачиќ, кој е и министер за надворешни работи на Србија.
Дачиќ изјави дека Министерството за внатрешни работи (МУП) на Србија добило посебни одговорности за безбедноста на собирите, а тоа пред се се однесува на фудбалскиот натпревар меѓу Црвена звезда и руски Зенит, закажан за во сабота во 16 часот во Белград.
„Некои најавени собири ќе се одржат, а некои веројатно нема. Но, засега останува да се одигра фудбалскиот натпревар кој е закажан за денеска“, рече Дачиќ.
Седницата на Советот за национална безбедност се одржа во саботата во Палатата Србија, а ја свика претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој претседаваше.