Нема дополнителни ковид-мерки, за три дена нови 899 случаи

Институтот за јавно здравје во изминатите три дена евидентираше нови 899 случаи на Ковид 19 од направени 2.466 тестови, но нема пријавено починати лица. Дополнителни ковид-мерки нема. Остануваат да важат мерките за задолжително носење заштитна маска во јавниот превоз, здравствените установи, аптеките и установите за згрижување на возрасни лица и лица со попреченост.

Од вкупно 2.719 активни случаи, најголем број се во Скопје – 1390, а во Македонска Каменица и Пехчево нема активни случаи на вирусот.

Комисијата за заразни болести на последната седница не донесе дополнителни рестриктивни мерки. Државата, според Комисијата, се наоѓа во зелена зона со доволно капацитети за згрижување на пациентите и не се потребни дополнителни рестриктивни мерки. Апелираше до граѓаните да внимаваат на сопственото здравје, да избегнуваат посети во затворени и непроветрени простории, освен кога тоа е неодложно. Во такви случаи се препорачува носење заштитна маска и одржување дистанца.

Од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје вчера апелираа до граѓаните кои користат јавен превоз да се придржуваат кон препораките за заштита од Ковид-19, односно да носат заштитна маска во автобус. Посочија дека немаат ингеренции да забрануваат влез на патници кои не носат маска, ниту имаат право да ги казнуваат.

Инаку, расте бројот на повозрасни кумановци кои се вакцинираат со трета или четврта доза против Ковид-19. Надлежните од вакциналниот пункт „Тоде Мендол” од Здравствниот дом вчера информираа дека е зголемен интересот за вакцинација. Посочија дека дневно со „фајзер” се вакцинираат околу 50-тина лица.

Лекарите апелираат да се следат препораките на Министерството за здравство, да се вакцинираат граѓаните над 60 години, особено ризичните групи, а останатите да ги следат превентивните мерки. Препорака е вакцинацијата меѓу трета и четврта доза да биде најмалку четири месеци.

На последниот состанок што Комисијата за заразни болести го одржа минатиот петок, било разгледано и прашањето за достапноста на тестовите за Ковид-19, при што се препорача двојно зголемување на капацитетите за тестирање на институциите кои се надлежни за тоа.

– Согласно методологијата за одредување на ризикот од Ковид-19 се зема предвид и процентот на хоспитализирани случаи, процентот на слободни болнички кревети, како и бројот на тешко болни и смртни случаи од Ковид-19. Утврдено е дека Северна Македонија се наоѓа во зелена зона со доволни капацитети за згрижување на пациентите со Ковид-19. Зголемувањето на бројот на нови случаи изнесува 79.9 отсто, соопштија од Министерството за здравство.

Досега во земјата се направени 2.098.561 тестирања на КОВИД-19. Вкупниот број на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 319.037, бројот на оздравени пациенти е 306.979, а на починати 9.339.