Нема да се одржи средбата на Трамп и Зеленски во САД
Средбата за која многу се зборуваше на поранешниот претседател Доналд Трамп и Володимир Зеленски за време на посетата на украинскиот претседател на Америка веројатно нема да се одржи.
Се очекува денеска украинскиот претседател да се обрати пред Генералното собрание на Обединетите нации и да го претстави својот таканаречен победнички план за војната со Русија, а потоа да одржи билатерални средби со претседателот Џо Бајден и со потпретседателката Камала Харис.
Трамп минатата недела рече дека најверојатно ќе се сретне со Зеленски за време на неговата посета на САД. Но, официјален претставник на кампањата на Трамп вчера за Политико потврди дека средбата не била закажана.
Во неделата, украинскиот претседател посети фабрика за муниција во Скрентон, Пенсилванија, клучна држава за американските избори. Еден ден подоцна, на митинг во Пенсилванија, Трамп го обвини Зеленски дека „толку сака демократската кандидатка Камала Харис да победи на изборите“ и го опиша како „најголемиот продавач во историјата“.