„Нема да дозволивме да нѐ убивате“: Зелен хуман град за изјавите и идеите на Мицкоски

Не сме ние невладини што се бунат, велат од Зелен хуман град. А ако вие сте патриоти како што се декларирате, не постои попатриотски чин од заштита на животот и здравјето на жителите на Македонија, му порачуваат на премиерот.

Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека загадувањето од пожарите во депониите Вардариште и Дрисла било само визуелно, а дека мерењата не го покажувале тоа, наиде на неверувања кај оние што се борат за заштита на животната средина, а и кај обичните граѓани. Синоќа во Аеродром, Ново Лисиче, Драчево, Гази Баба граѓаните ги затвораат прозорците затоа што миризбата, поточно, смрдеата беше неподнослива од пожарот во Дрисла. И тоа не беше визуелно, како што тврди Мицкоски.

Во многуте реакции на изјавата на премиерот Зелен хуман град му порачува на Мицкоски дека ако се декларира како патриот нема попатриотска обврска од онаа за се заштитат здравјето и животите на граѓаните.

„Се декларирате како патриоти, не постои попатриотски чин од заштита на животот и здравјето на жителите на Македонија, од заштита на животната средина! Секоја следна година се давиме во сè повеќе отпад и дишеме сѐ позагаден воздух од кој умираат илјадници луѓе годишно! На власт се луѓе за кои нашите животи немаат никаква вредност!

Не сме ние невладини што се бунат, ние сме жители на овој град и нема да дозволиме да ви плаќаме за да нѐ труете и да нѐ убивате! Со години нудиме решенија за третман на отпадот во Македонија што освен што ќе гарантира заштита на нашето здравје и нашите животи, ќе гарантира и заштита на животната средина“.

Оттаму се осврнуваат и на одлуката што Мицкоски ја објави и рече дека била донесена за Дрисла, иако владата не е надлежна за депонијата туку градот Скопје.

„Премиерот изјави дека неговата партија ќе барала на тендер фирма за јавно-приватно партнерство што ќе управувала со Дрисла. Неговата партија не го создала проблемот со депониите, ама ќе го решела. Неговата партија веќе го спроведе ‘решението’ со јавно-приватно партнерство за Дрисла. И што ни донесе тоа? Една деценија изгубена и нула од ветените инвестиции. Отпадот во рацете на криминалци кои според јавно достапните информации извршиле нерегулиран увоз на контејнери со отпад!“, стои во реакцијата на Зелен хуман град.

Во неа уште се додава:

„Јавно-приватното партнерство е форма на капиталистички екстрактивизам: јавните добра се гледаат како пазар за профит. Тоа значи дека здравјето, чистиот воздух, пристапот до услуги – се претвораат во стока. Јавната контрола исчезнува, одеднаш процесите и податоците стануваат ‘деловна тајна’. Приватникот нема интерес да ја намали количината отпад (нула отпад), туку обратно, му треба постојан проток на отпад за да има профит. Приватникот никогаш не влегува од алтруизам туку бара гарантиран профит, договори на 20–30 години, монополи. Тоа е класична форма на приватизација на јавното на мала врата! Злоупотреба на јавни пари, со нив да управуваат приватници и моќници блиски до власта.

На Дрисла не ѝ требаат странски пари ниту донации. Нам не ни требаат пари од валкани бизнисмени и донации за перење пари и перење совест. Нам ни треба нашите пари со кои за несреќа располагате да бидат наменети за приоритетите што ние, граѓаните, ги имаме, наместо да завршуваат во џебовите на корумпирани политичари“, стои во реакцијата на Зелен хуман град.

Преземено од Независен