Нема веќе евтини производи лебот и млекото нема да чинат 30 денари, урдата 100 денари, зејтинот 60 денари…
Намалување на цената на лебот, млекото и на млечните производи може да има дури по Нова година. Новите мерки предвидуваат намалување на цената на струјата од 1 декември за производителите на основните прехранбени производи, со што се очекува прво да се стабилизираат цените, а потоа да се намали цената на лебот, млекото, млечните производи…
Од компаниите од прехранбениот сектор велат дека цените на производите може да се намалат само под услов цените на суровините на берзите да останат исти и да не се зголемуваат подолг временски период. Но, сепак, не веруваат дека ќе дојде до некое драстично намалување на цените во услови кога има глобален недостиг на храна и кога цените растат секаде во светот.
Економистите сметаат дека нема веќе да има евтини производи. Времето на евтини производи помина, а цените на производите повеќе нема да се вратат назад како пред кризата. Нема веќе да јадеме леб за 30 денари, урда за 100 денари, зејтинот нема веќе никогаш да биде 60 денари, млекото 30 денари за литар, брашното 20 денари за килограм… Тоа се глобални текови што ги наметнуваат светските пазари.
-Ако мерката почне да се применува од 1 декември, ние првите намалени сметки ќе ги добиеме на крајот од декември. Тогаш ќе се регулира пазарот и по Нова година може да дојде до стабилизирање на цените на производите, а доколку цените на суровините на берзите останат исти, може да се очекува и намалување за околу 10 отсто – вели за ВЕЧЕР Горан Малишиќ, претседател на Здружението на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора.
Според него, не може да се очекува намалување на цените на производите доколку растат цените на суровините. Така, на пример, вчера цената на пченицата на светските берзи повторно се зголеми за повеќе од 5 отсто поради повлекувањето на Русија од договорот за транспорт на жито од Украина преку Црното Море.
Инаку, компаниите од прехранбената индустрија ќе склучат договори со ЕСМ продажба и од 1 декември ќе добиваат струја по 80 евра за мегават-час. Оваа цена, како што вели Малишиќ, е на ниво како пред енергетската криза, односно пред драстичното зголемување на цените на струјата на светските берзи.
Одлуката за обезбедување електрична енергија по поволни цени за производителите на храна е важна мерка од која бенефит ќе имаат и граѓаните и стопанството, вели за ВЕЧЕР Горан Ѓорѓиевски, потпретседател на Сојузот на стопански комори и претседател на Агробизнис комората.