
„Независни заедно“ ја промовираа Билјана Ивановска како кандидат за градоначалник на Центар
„Го делиме истиот воздух, кој не е загаден само до ПМ честички, туку и со корупција и лоши политики кои се погубни за граѓаните. Правдата, интегритетот и одговорноста се вредности кои ги следам целиот живот и кои ќе ги приклучам на креативните политики за обезбедување подобра и поздрава општина“, рече Ивановска.
„Независни заедно“ ја промовираа Билјана Ивановска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, за нивни кандидат за градоначалничка на Општината Центар. Граѓанската платформа е сочинета од иницијативите Шанса за Центар и Зелените од Гази Баба и во моментот е во фаза на собирање потписи за основање политичка партија заради учество на изборите.
Тие денеска на прес конференција ги повикаа сите граѓани кои се согласуваат со нивните ставови да им се придружат.
„Вредностите кои ние ги застапуваме се децентрализираната демократија и учество на граѓаните, економска, еколошка и социјална одржливост, правда, правичност и антикорупција и човекови вредности“, рече Јана Белчева од Шанса за Центар.
Ивановска денеска кажа дека одлуката да се кандидира за градоначалничка на Центар ја донела заради нејзините граѓани, со кои ги дели сите проблеми со кои и тие се соочуваат.
„Го делиме истиот воздух, кој не е загаден само до ПМ честички, туку и со корупција и лоши политики кои се погубни за граѓаните. Правдата, интегритетот и одговорноста се вредности кои ги следам целиот живот и кои ќе ги приклучам на креативните политики за обезбедување подобра и поздрава општина“, рече Ивановска.
Таа најави дека кампањата ќе ја базира на три столба, првиот е одговорност, отчетност и транспарентност, потоа инклузивност, а третиот столб е заедништво и солидарност.
„Ќе се фокусираме на барање решенија, а не обвинувања. Интересот на заедницата секогаш треба да биде пред поединечниот, а мојата визија е општината Центар да биде на граѓаните“, посочи Ивановска.