Независниот синдикат на полицијата реагира дека новите возила завршиле кај командири и началници

Претседателот на Независен синдикат на полицијата (НСП), Мартин Ефремов, денеска доставил писмена реакција до Министерство за внатрешни работи, во која реагира на распределбата на новите службени возила во МВР.

Претседателот на Независен синдикат на полицијата (НСП), Мартин Ефремов, денеска доставил писмена реакција до Министерство за внатрешни работи, во која реагира на распределбата на новите службени возила во МВР.

Според синдикатот, и оваа набавка, како и претходните, во голем дел завршила кај командирите и началниците, наместо кај полициските службеници кои секојдневно работат на терен.

„Доколку не се прекине ваквиот начин на распределба, кој со години е пракса во МВР, и доколку утре се набават уште 500 нови возила, тие повторно нема да стигнат до полицајците на терен. Во таков случај, ефектот од набавката нема да го почувствуваат ниту полициските службеници, ниту граѓаните“, наведува Ефремов во реакцијата.

Од НСП дополнително бараат да се преиспита и распределбата на возилата по полициски станици, посочувајќи дека постои очигледна нерамнотежа. Како пример, синдикатот наведува дека одредени полициски станици добиле по пет нови возила, додека Полициска станица Кочани, која според нив претставува еден од центрите со најголем обем и сложеност на работа во источниот регион, добила само едно возило.

Од Независниот синдикат на полицијата апелираат распределбата на службените возила да се врши според реалните потреби на теренот, а не според хиерархиската позиција, со цел подобрување на условите за работа на полицијата и зголемување на безбедноста на граѓаните.