„Штрајкот ќе продолжи и во наредните денови зашто немаме конкретно ветување дека зголемувањето на платите ќе биде во висина од некој процент. Со преговори ќе продолжиме и сме расположени во секое време да се сретнеме кога ќе побараат од нас, ќе бидеме достапни“.
Ова го изјави претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – Јаким Неделков по денешната средба со министерот за образование и наука – Јетон Шаќири.
„Сите сме расположени да прекине штрајкот и да почне наставата, но секако за тоа треба да одлучи членството, а ќе одлучи само врз основа на конкретен предлог што би го прифатиле мнозинството од членовите, рече Неделков, додавајќи оти тоа се разговори, преговори и многу ќе зависи од тоа како ќе завршат во однос на зголемување на платите. Од таа причина очекуваме од МОН овие денови да излезат со конкретен предлог, па и со некаков допис, како што рече, што написмено ќе го имаме од нив како гаранција за тоа што се договараме. Дали веднаш ќе можеме да одлучиме да се стави штрајкот во мирување или не“ рече Неделков.
Според него, и двете страни имаат ист став дека преговорите мора да се интензивираат, што побрзо да се најде заедничко решение и за да можат децата да одат во училиште и да имаат редовна настава.
Министерот Шаќири подвлекол дека ќе има зголемување на платите, дека се прават максимални напори од другите министерства, на ниво на Влада, да се пренасочат средства.