Претседател на СОНК – Јаким Неделков за „Утрински брифинг“ рече дека денеска ќе расправаат за понудата од Владата донесена синоќа на седница.
„Ќе направиме и пошироки консултации. Во неделата имавме извештај од сондажата за понудата што ни ја достави Владата тогаш усмено и сега писмено и 95 отсто од членовите се изјаснија дека не ја прифаќаат“ рече Неделков кој додава дека има притисоци врз штрајкувачите.
Вели дека дури и партиите вршат пристисок врз своите членови, додека јавноста е поделена во однос на штрајкот на просветните работници.
„Не е спорно колку ние можеме да издржиме, спорно е колку Владата ќе остане закопана во ров на својата позиција. Владата не нѐ послуша кога зборувавме за наглото зголемување на минималецот, а кога веќе е покачен минималецот треба да се покачат и нашите оти ние чекаме шест години. Чашата ја прелеа тоа што со зголемувањето на минималната плата сега имаме некои работни места со различна сложенст кои имаат иста плата. Не е проблемот нашата нетрпеливост“ – вели Неделков.
Во врска со надоместувањето на загубените часови, тој потенцира дека СОНК не ја организира наставата, па таа одлука треба да ја донесат Бирото за развој и Министерството за образование.