Јаким Неделков – претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) вели дека штрајкот најавен за 11. април ќе трае се додека не се исполнат нивните барања, но дека е недозволиво тие да бидат задоволени со проектирање на буџетот за 2023 година. Тој вечерва на тв Сител изјави дека нова рунда разговори со Владата е закажана за понеделник кога се надева дека владините претставници ќе излезат со одредена понуда.
СОНК бара следење на процентот на пораст на минималната плата односно за 18,4 проценти да се зголемат платите за потоа да се изнајде системско решение и во иднина да не се протестира секогаш кога ќе се зголемува минималната плата.
„Ние сме за дијалог. Тоа сме го покажале и докажале досега. Уште пред четири години баравме со континуираното зголемување на минималната плата, да се усогласат и останатите плати. Четири години молиме да се надмине оваа состојба“ – рече Неделков.
Предлогот на Сојузот на синдикати на Македонија за зголемување на платите, според Неделков, е амортизирање во дадената ситуација и проблемот нема системски да се реши.