
Неделковски за МИА: Одржливоста на универзитетите ќе се реши со системско обезбедување на научен подмладок
Во минатото главни теми меѓу академскиот кадар беа егзистенцијалните проблеми. Сега тоа повеќе не е случај, а акцентот се става на тоа како академскиот кадар да и се оддолжи на државата која создаде поволни услови барем од аспект на примањата на вработените во високото образование. Горлив проблем на државата е да ја реши одржливоста на универзитетите преку системско обезбедување на научен подмладок, вели во интервју за МИА, Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.
Во минатото главни теми меѓу академскиот кадар беа егзистенцијалните проблеми. Сега тоа повеќе не е случај, а акцентот се става на тоа како академскиот кадар да и се оддолжи на државата која создаде поволни услови барем од аспект на примањата на вработените во високото образование. Горлив проблем на државата е да ја реши одржливоста на универзитетите преку системско обезбедување на научен подмладок, вели во интервју за МИА, Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.
Вториот македонски Универзитет, денот на основањето 25 април 1979 година ќе го одбележи со тематски „Отворен ден на УКЛО“, а оваа година, посочи ректорот Неделковски, мотото е „Корени и крилја – добиј европска диплома дома“ и е поврзано со активностите што УКЛО ги прави како член во Европската универзитетска алијанса КОЛОРС и со цел здржување на младите на своите корени, притоа давајќи им можности (крилја) за европско образование.
Како ќе биде одбележан денот на основањето на Универзитетот?
-Како што е познато, Универзитетот „Св. Климент Охридски “- Битола покрај чествувањето на својот патрон св. Климент кој секоја година го одбележува на 8 декември, исто така го одбележува и денот на основањето, 25 април 1979 година. Хронолошки, почетоците на универзитетот датираат од 1924 кога започнува со работа најстарата единица, која и денес е во состав на Универзитетот, Научниот институт за тутун од Прилеп. Во 2004 година Универзитетот во Битола го доби името „Св. Климент Охридски“ со што се дава јасна симболика дека своите корени ги влече од средновековниот св. Климентов универзитет, првиот словенски универзитет кој функционирал на овие простори пред повеќе од 1100 години. Денот на основањето веќе трета година го одбележуваме со тематски Отворен ден на УКЛО, на кој се претставуваат сите единици на УКЛО пред средношколците, нивните наставници и пред деловната и општествената заедница од регионот. Оваа година темата е „Корени и крилја – добиј европска диплома дома“ и поврзана е со активностите што ги прави УКЛО како член во Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, и во соработка со општините од регионот, за здржување на младите на своите корени, притоа давајќи им можности (крилја) за европско образование.
УКЛО-Битола минатата година се „пофали“ за зголемен број на новозапишани студенти. Дали тоа се должи на нов пристап во уписната политика?
-После повеќе годишен пад на бројот на новозапишани студенти, што е феномен кај сите државни универзитети во Македонија, минатата година остваривме раст на бројот на новозапишани студенти на прв циклус додипломски студии од нешто повеќе од пет отсто и втор циклус студии после дипломски студии од повеќе од 14 отсто. Ова е уште позначајно бидејќи е постигнато во година кога бројот на матуранти во државата е намален за повеќе од пет отсто. Овој успех во голема мера се должи и на тоа што УКЛО е првиот македонски универзитет кој стана дел на Европска универзитетска алијанса – КОЛОРС. Уште во првата година на делување на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола здружено со уште осум универзитети од Германија, Франција, Италија, Шпанија, Шведска, Литванија, Полска и Хрватска се отворија многу можности за соработка и размена на студенти. Оваа година се работи на усогласување на системите на универзитетите за евиденција на освоените кредити на студентите, а се започнува и со подготовки за двојни дипломи. Наредните две години се клучни за успехот на УКЛО во алијансата КОЛОРС, во 2028 треба да се поднесе апликација за продолжување на финансирањето на алијансата од страна на Европската Комисија. Воедно тоа го сметам за нов креативен пристап во уписната политика на УКЛО, но и отворањето на Студентски информативен центар (СИЦ) кој даде значителен придонес кон привлекувањето на студенти. Во СИЦ-от постојано се организираа настани не само со студентите туку и со средношколците. Преку #COLORSJuniors започнавме соработка и со основците. Целта е преку перманентно присуство на УКЛО во заедницата сите да се запознаат со придобивките од студирањето на УКЛО како дел од КОЛОРС алијансата.
Кога се зборува за универзитетите секогаш е актуелно рангирањето на светските ранг листи. Како УКЛО стои тука?
-УКЛО имаше голем скок на меѓународните ранг листи. Во 2024. прв пат се појавивме на една од трите водечки светски ранг листи (Times Higher Education, QS, Шангајската листа). УКЛО е вториот македонски универзитет, покрај УКИМ, кој од 2024 е рангиран на Times Higer Education ранг листата на влијание (Impact Ranking), што беше спомнато како забележителен успех и од претседателката проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова во нејзиното поздравно обраќање по повод јубилејот 45/100 години УКЛО. На другите помалку релевантни ранг листи како EduRank (која покрај научната ја оценува и едукативната компонента) веќе сме цврсто позиционирани како второрангирани во државата, а на Webometrics имавме скок од повеќе од 1500 места на светско ниво. Најслаба компонента на нашиот универзитет се рангирањето според врвните научни резултати, објавени трудови во Scopus/ Web of Science базите (Scimago базата која не е композитна ранг листа туку рангира само според бројот на трудови во Scopus). Тоа пред и сѐ е резултат на возраста на кадарот нашиот Универзитет и малиот број научен подмладок и доценти. Затоа одлучивме во последниве две години ректоратот да ги стимулира врвните научни достигнување на академскиот кадар на УКЛО преку доделување на годишни награди за најдобри и најплодни научници.
Како ја оценувате меѓународната соработка на УКЛО?
-Бројот на меѓународни проекти е значително зголемен. Приходите од меѓународни проекти во 2023 и 2024 се за 50 отсто поголеми од претходните години и се на историски највисоко ниво. Меѓународното научно списание што го издава УКЛО – Хоризонти (и од пред две години и студентско научно списание Нови Хоризонти) доби комплетно нов лик и се индексира во многу реномирани бази на научни списанија (EBSCO, Index Copernicus, CrossRef, DocPlayer, HARVARD Library и други, вкупно 19 бази). УКЛО како почесен професор го доби првиот нобеловец, легендарниот израелски научник Ден Шехтман. Се формира УКЛО Мрежа на соработници од земјата и странство преку која го имаме како надворешен соработник проф. Сашо Глигоровски од Кинеската академија на науките и кој е на листата на Стенфорд Универзитетот на 2 отсто најдобри научници во светот. Годишната научна конференција на УКЛО стана редовна пракса. Прв пат во Македонија го организиравме Форумот на ректори од земјите на Југоисточна Европа и Западен Балкан, а од јули годинава, УКЛО ќе биде претседавач со УНИАДРИОН, Асоцијација на универзитети од Јадранско-Јонската група на земји. Повторно прв пат во Македонија.
Како ја оценувате состојбата во високото образование?
-Јас сум вработен без прекин на Универзитетот веќе 32 години, од ноември 1993. Никогаш општествениот статус на вработените во високото образование не бил подобар. Во минатото главни теми помеѓу академскиот кадар беа егзистенцијалните проблеми. Сега тоа повеќе не е случај, туку акцентот се става како академскиот кадар да и се оддолжи на државата која создаде поволни услови барем од аспект на примањата на вработените во високото образование. Останува како горлив проблем државата да ја реши одржливоста на универзитетите преку системско обезбедување на научен подмладок. Голем дел од кадарот заминува во пензија и треба да има системско решение за негова замена – не откако ќе замине во пензија, туку пет до десет години пред заминувањето за да нашите наследници научат и се приспособат на академската средина, истакна ректорот Игор Неделковски во интервју за МИА.