Неда Волчева: Kонтинуирано расте интересот од страна на жените за Армијата
„Во моето поблиско семејство нема припадници на Армијата. Мојот интерес беше изненадување за моето семејство. Јас некако спонтано започнав да се интересирам за условите и начините за вклучување во професија, каде униформата го одредува местото и улогата на поединецот во пошироката заедница” - вели офицер Неда Волчева во разговор за „Трилинг“ со Марија Димишкова
Трилинг: Вие сте една од ретките жени офицерки во Армијата. Три години како сте во Армијата, а два пати сте избрани за командир на најдобар вод. Што значат овие професионални успеси за вас?
Неда Волчева: Присуството на жени во Армијата е евидентно, особено во последните десетина години. Моето активно вклучување во секојдневните активности на Армијата беше природно, по завршувањето на Воената академија. За мене беше голем предизвик да се преиспитам себе си, дали и колку од втемеленото знаење од Воената Академија, сум во можност да го вткајувам во секојдневните активности на единицата со која командувам, а особено ми причинува задоволство кога мојот тим успешно ги демонстрира стекнатите вештини кои со заеднички напор ги имаме извежбувано во секакви теренски и временски услови.
Трилинг: Необична и не така честа слика е да се видат жени со успешна кариера во нашата Армија. Како се роди интересот за оваа професија ?
Неда Волчева: Во моето поблиско семејство нема припадници на Армијата. Мојот интерес беше изненадување за моето семејство. Јас некако спонтано започнав да се интересирам за условите и начините за вклучување во професија, каде униформата го одредува местото и улогата на поединецот во пошироката заедница. Бев упорна и не дозволив да ме дефинира ставот на лица кои немаат сопствено искуство во оваа професија или од непознатото со кое ќе се соочам.
Трилинг: Важат предрасудите дека машкиот свет е предодреден за Армијата. Како реагираа вашето семејство и пријателите кога им соопштивте дека сакате да бидете дел од Армијата?
Неда Волчева: Ми беше олеснување што семејството и пријателите го прифатија мојот избор да станам офицер, како нешто со кое сите заеднички се гордееме. Спортот ме дефинираше како личност која со упорност и работа постигнува резултати, а напорот и наизменичното менување на успехот и неуспехот, беа покренувачка сила да продолжам понатаму со поголем интензитет на ангажирање, за да го совладам предизвикот. И во спортот застапеноста на двата пола варира, во различни спортови. Но не предрасудите, туку определеноста на спортистот, независно од полот, да се изгради во професионален спортист влијаат најмногу на конечните резултати.
Трилинг: Покрај храброста, дисциплината и психолошката и физичката подготовка, што треба да поседува еден офицер во Армијата?
Неда Волчева: Еден офицер во Армијата мора да поседува чувство на патриотизам, да е подготвен на соработка и тимска работа, одговорен, посветен, зрела личност, мотивиран, издржлив и подготвен за справување со предизвици во различни ситуации.
Трилинг: Колкава е моменталната заинтересираност на жените во земјава за оваа професија и дали се соочуваат со посебни предизвици да се изборат за еднаква позиција со мажите во Армијата?
Неда Волчева: Во текот на изминатите години континуирано расте интересот од страна на жените за Армијата, следствено на тоа и за офицерскиот позив. Согласно објавените податоци од Генералштабот, за споредба само во изминатите три години бројот на припаднички на Армијата кај офицерите е зголемен за два проценти, така да сега веќе тој изнесува 15,50% од вкупниот број на офицери во Армијата. Би сакала да нагласам дека за секојдневно функционирање, како и напредок во кариерата пресудно е квалитетот на личноста од аспект на физичка подготвеност, психолошка цврстина, особините на личноста, како и успешно извршување на предвидените задачи.
Трилинг: Како изгледа еден ваш работен ден?
Неда Волчева: Секој работен ден има различна динамика и содржина на активностите. Како офицер моја должност е првенствено секојдневно изведување на обука на професионалните војници, подобрување на физичките способности, реализација на различни вежби, како и гаѓања.
Трилинг: Што се промени во вашиот живот во последниве 3 години откако сте офицерка во Армијата?
Неда Волчева: За мене претставува привилегија да се биде дел од Армијата, но сепак тоа носи и голема одговорност. Во последните 3 години максимално се посветив на работните обврски, а преку тоа и успехот беше неминовен. Преку позитивните примери што ги добивам од моите претпоставени како и од стручна подготвеност, па така и од квалитет на личноста, можам да кажам дека се развивам во емпатична личност, личност која што е секогаш подготвена да им помогне на другите, лојална, истрајна, свесна од потребата за доживотна едукација.