
Две жени биле цел на измама во рок од неколку дена, потврдуваат од МВР. Во два од случаите на повозрасни неготинки им биле барани по 20.000 евра за наводна операција по скршеница на внука, ќерка.
– На 10 февруари во 15:30 часот, во ОВР – Неготино, 72-годишна неготинка пријавила дека непознато лице ѝ се јавило на телефон, ѝ се претставило како директор на болницата во Велес и ѝ кажало дека нејзината внука се здобила со скршеница и дека за операцијата е потребно да донесе 20.000 евра, а во позадина се слушал женски глас како плаче, за кој ѝ кажало дека е нејзината снаа. Откако пријавителката заедно со нејзиниот сопруг пристигнале во болницата во Велес и не го пронашле лицето што ѝ се јавило, се упатиле на хируршкото одделение и прашале за нивната внука, а од страна на персоналот им било кажано дека нема таков пациент, по што сфатиле дека се работи за измама – појаснија од СВР – Велес.
Истовремено, во 15:30 часот, во ОВР – Неготино, 77-годишна неготинка пријавила дека непознато лице ѝ се јавило на телефон, ѝ се претставило како лекар од Велес и ѝ кажало дека нејзината ќерка се здобила со скршеница и дека за операцијата е потребно да донесе 20.000 евра.
Пријавителката се качила во такси, а по разговор со возачот се јавиле кај нејзиниот зет и сфатиле дека се работи за измама.
Една од измамените неготинки, рече дека кога добила повик дека нејзината малолетна внука од син доживеала тешка несреќа и итно мора да биде оперирана. Лицето кое се претставило како директор на болницата во Велес, убедливо ѝ кажало дека состојбата е сериозна и дека се потребни 20.000 евра за да се спаси ногата на девојчето и да не остане инвалид.
За измамата да звучи уште поверодостојно, на телефон била пуштена жена која плачела, а на пензионерката ѝ било кажано дека е тоа нејзината снаа, која е во болницата заедно со другата малолетна внука. Со тоа, како што истакна, самата дополнително била доведена во состојба на паника и страв. Таа нагласи дека парите не биле предадени, но, шокот, стресот и траумата останале.