Покрај министерот за здравство на Хрватска, Вили Берош, приведени се и неврохирургот Крешимир Ротим и Саша Поздер – чија компанија се занимава со набавка на медицинска опрема.
Како што неофицијално дознава Јутарњи, УСКОК не побарал мерка притвор за уапсениот неврохирург Крешимир Ротим, бидејќи признал се, па нема опасност да влијае врз сведоците.
Наводно, Ротим им кажал на истражителите на УСКОК дека Вили Берош примил поткуп од Саша Поздер, директорот на компанијата „Медикал иноваш солушнс“ (МИС), која, според сомнежите на истражителите, набавувала преплатена медицинска опрема за хрватските болници.
Како што соопшти денеска УСКОК во големото соопштение за истрагата против Берош и другите, за првообвинетиот Берош и третообвинетиот Поздер е побаран притвор, но не и за второобвинетиот Ротим бидејќи „за ова не биле исполнети законските услови“.
Берош, според неговата адвокатка, ги отфрла сомнежите за корупција, односно вмешаност во набавка на преплатени болнички апарати.