Како последица на невремето Киаран, кое во текот на ноќта пристигна во Италија, загинаа три лица, а едно лице се води како исчезнато, јавува Анса.
Од невремето, кое вчера веќе предизвика пет смртни случаи во Европа, три лица загинаа во италијанската област Тоскана, а едно лице се води како исчезнато во Венето, додека метеоролозите најавуваат дека Киаран, придружен со дожд и силен ветер, ќе остане над Италија низ цела недела.
85-годишен маж синоќа бил пронајден мртов во приземјето од неговата куќа во Монтемурле, во близина на Прато, во целосно поплавена просторија. Спасувачите претпоставуваат дека постариот маж не успеал да стигне до горните катови и се удавил.
Според Анса, областа Прато е една од најтешко погодените, со поројни поплави.
Втората жртва, чија смрт накратко ја пријави гувернерот на Тоскана, Еугенио Џиани, нешто пред полноќ, е регистрирана во општината Росињано, во Ливорно. Третата жртва е 84-годишна жена на која и се слошило додека црпела вода од својот дом во Монтемурле.
Гувернерот најави дека во погодените подрачја кои во моментов е тешко достапни на друг начин се испратени гумени чамци, а од Националната цивилна заштита се побарани хеликоптери за итна евакуација на настраданото население.
„Прогласив регионална вонредна состојба и сум во контакт со владата за да ја прогласиме на државно ниво. Ситуацијата е навистина многу сериозна“, најави Џиани.
Состојбата на водотеците се следи, а експерти од регионот на Тоскана очекуваат големи поплави на реката Арно во следните неколку часа, додека својот врв ќе го достигне денеска преку Пиза околу полноќ, наведува италијанската агенција.
Во областа Белуно, пожарникар кој не бил на должност, му помагал на својот татко да нареди вреќи со песок покрај брегот на потокот, се лизнал и завршил во вода надојдена од дожд.
Во потрагата по 40-годишниот пожарникар учествуваат педесетина спасувачи, меѓу кои има и доброволци, но непрекинатото врнежи од дожд им ја отежнува работата.
Истиот проблем го имаат и спасувачите кои трагаат по четириесетгодишен маж, кој во средата исчезна во планините Лесини.
Во Тоскана утре се очекуваат ветрови до 130 километри на час и силни грмотевици, поради што училиштата во регионот ќе бидат затворени, пред се во најранливите провинции. Сообраќајот во овој регион се одвива отежнато, многу железнички и автобуски линии се суспендирани.
Во реонот на Лигурија на сила е портокалов метео аларм, а се очекуваат бранови до шест метри. Во Милано постои загриженост поради новото излевање на реката Севесо. Таму врне пороен дожд, а на граѓаните им се препорачува да не се задржуваат под дрвја и градежни скелиња.
Жолто предупредување е на сила и во Лацио, а на југот на Италија, училиштата во Неапол, Касерта, Беневенто и Салерно ќе бидат затворени како мерка на претпазливост.