
Невработеноста во Грција намалена на 7,5 отсто во декември 2025 година
Во Грција невработени се 354.904 лица, бројка за 19,8 проценти пониска во споредба со една година претходно.
Невработеноста во декември 2025 година во Грција се намалила на 7,5 отсто наспроти 9,4 проценти за истиот период една година претходно и стапката од 8,1 отсто во ноември 2025 година, според официјалните податоци од грчката Служба за статистика, а медиумите коментираат дека ова е најниската стапка од 2008 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Во Грција невработени се 354.904 лица, бројка за 19,8 проценти пониска во споредба со една година претходно.
Министерката за труд на Грција, Ники Керамеос, во интервју за грчката телевизија „Скај“ утрово рече дека ова е втората најниска стапка на невработеност регистрирана во историјата на земјата.
– Најниската стапка на невработеност од тогаш кога се мери е 7,3 отсто, потоа е 7,5 отсто. Што значи дека се приближуваме до најниска регистрирана стапка на невработеност во земјата. Ова значи дека над половина милион граѓани, кои не работеа во 2019 година, денеска работат – посочи Керамеос.
Паралелно, истакна дека, освен намалувањето на невработеноста, „историско е и намалувањето на невработеноста кај жените“ и вторпат бројката е едноцифрена, односно 9,9 проценти од жените се невработени наспроти 11,7 отсто во декември 2024 година.
Според официјалните податоци од Службата за статистика, невработеноста кај младите на возраст од 15 до 24 години во декември 2025 година била 13 отсто, намалена во споредба со една година претходно кога изнесувала 22,3 отсто, а во 2020 година била 35,5 проценти.