Големи делови од Австралија денеска се под влијание на невообичаени пролетни горештини, објави Националната метеоролошка служба, предвидувајќи дека рекордните температури би можеле да продолжат и утре.
Во Сиднеј, главниот град на најнаселената австралиска држава Нов Јужен Велс, температурите достигнаа 34,2 степени Целзиусови на аеродромот Кингсфорд Смит – повеќе од 12 степени над просекот за септември, според Бирото за метеорологија.
Синоптичарите оваа недела објавија дека временскиот феномен Ел Нино ќе се зајакне меѓу септември и ноември, што ќе донесе потопли и суви услови во Австралија. Метеоролошкиот институт објави дека раните горештини во многу делови од земјата биле „многу невообичаени за септември“. „Овие температури ќе се зголемуваат од недела до вторник“, се вели во објавата на Фејсбук, а температурите ќе се движат од 8 до 16 Целзиусови над просекот.
„Рекордни септемвриски дневни и ноќни температури се очекуваат од недела до четврток низ внатрешноста на Јужна Австралија, Нов Јужен Велс и североисточна Викторија“, додаваат тие. Ел Нино може да предизвика екстремни временски услови од шумски пожари до циклони и продолжена суша, а австралиските власти веќе предупредуваат на зголемени ризици од шумски пожари ова лето.
Густ чад го прекри Сиднеј неколку дена оваа недела, додека пожарникарите спроведуваа контролирани пожари за да се подготват за претстојната сезона на шумски пожари. На плажата Бонди, жителот на Сиднеј, Бела Калаган, беше загрижена за тоа колку жешко може да стане во наредните месеци. „Ќе ни треба многу силен крем за сончање“, рече таа.
Друга локална, Даниеле Вангу, била загрижена за тркачите на маратонот во Сиднеј, кој треба да се одржи утре.
„Ќе размислувам за нив утре додека сум веројатно тука на плажа, но дефинитивно ќе им биде тешко, па се надевам дека малку ќе се одморат“, рече таа.
Последните две сезони на шумски пожари во Австралија беа тивки во споредба со катастрофалното „црно лето“ на шумски пожари во 2019-2020 година. кој уништи област со големина на Турција и уби 33 лица.