Невладините организации ја повикаа претседателката Сиљановска Давкова да не става потпис на измените за урбанизам

Повеќе од 20 невладини организации ја повикуваат претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, да не го потпишува Законот за урбанизам, кој беше донесен пред два дена по скратена постапка во Собранието.

Организациите за заштита на животната средина потсетуваат дека со законските измени се отвора вратата за урбан хаос и нови градби без консултации, и без да се слушне мислењето на граѓаните.

Невладините организации изразија револт кон министерот за транспорт, Александар Николоски, кој и покрај тоа што ги покани на собраниската седница, не ги зеде предвид нивните забелешки.

Исто така, невладините организации проценуваат дека градовите и општините во земјата се пренатрупани, без јавен простор, без јавно зеленило и без тротоари.

Пред два дена, Собранието со 64 гласа „за“ и 11 „против“, експресно и без расправа, ги изгласа измените на Законот за урбанизам, предложени од министерот за транспорт. Александар Николоски.

Тој тврди дека измените биле направени по скратена постапка за да се овозможи изградба на училишта, болници, градинки и повеќекатни гаражи.