Небиу трпел закани поради конфискуваниот имот на Мијалков!?

Првиот човек на Агенцијата за конфискуван имот, Дритон Небиу, вели дека вработените трпат закани, поради конфискуваниот имот кој е ставен на аукција.

На аукција се становите на екс директорот на Управата за безбедност и котраразузнавање, Сашо Мијалков. Дел од неговиот имот е сопственост на државата по спроведувањето на правосилната пресуда во предметот „Империја“.

Директорот вели дека не може да каже кој конкретно се заканувал. За случајот ја известиле полицијата.

„При разгледување на становите кои се на аукција, се појавија сопственици на имотот кои на клиентите и на вработените кои го покажувале станот им посочиле дека не може да го купат ниту да го продадат станот“, изјави Небиу.

На јавна аукција се ставени три стана кои што се наоѓаат на ул. „Славејко Арсов“, еден од 78м2, два од 73м2 и една гаража од 30м2 на КО Центар 2, одземени со правосилна пресуда од Основен кривичен суд Скопје.

Апелациониот суд донесе пресуда и за случајот „Титаник 2“, откако обвинетите се жалеа на двегодишните затворски казни изреќени од Основниот кривичен суд.