Апостол Симовски – директорот на Државниот завод за статистика денеска на тв 24 најави дека конечните резултати од Пописот ќе бидат објавени на 30. март на настан во салата на Филхармонија.
„На Пописот секој граѓанин имаше право да се попише како што смета. Илузија е да се очекува да има раст на населението кога има пораст на емиграција“ – вели Симовски.
Тој меѓудругото рече и дека демографска стратегија пред 16 години била многу погрешна.
„Ни емигрираат млади луѓе кои го носат наталитетот. Треба друг тип на политика. И кога ќе се направат најдобрите мерки не може да се очекува демографски бум. Секој од нас да има можност од квалитетна работа, втор фактор – можност за квалитетно образование, требаат и квалитетно здравство и добра комуникација и петто, човечките потреби да има можност секаде да се задоволат. Проблемот е и со миграцијата на внатрешно ниво“ – рече Симовски.
Пописот траеше од 5. до 30. септември 2021 година. Последниот попис во земјава беше одржан во 2002 година, кога вкупното население изнесуваше 2.022.547 лица.