Одлуката за Јордан Камчев не е политичка и нема ништо лично и персонално против бизнисменот. Злоупотребата на службената положба и овластување, перењето пари, митото, не само што ја нарушуваат довербата во правосудните институции туку претставуваат и предавство на граѓаните на оваа земја, истакна амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер.
„Ставањето на бизнисменот Јордан Камчев на црната листа на САД не е политичка одлука и тука нема ништо лично и ништо персонално“. Ова на денешната прес-конференција неколкупати го повтори американската амбасадорка Анџела Агелер и откри дека во моментов има повеќе личности и организации што се разгледуваат, но дека сѐ уште е рано за да каже кое име ќе биде следно на листата.
– Не можам во моментов да кажам која личност ќе биде следна. Ова е многу сериозно назначување и има повеќе личности и организации кои во секој момент се разгледуваат. Но, пак ќе повторам, одлуката за Јордан Камчев не е политичка и нема ништо лично и персонално против бизнисменот. Злоупотребата на службената положба и овластување, перењето пари, митото, не само што ја нарушуваат довербата во правосудните институции туку претставуваат и предавство на граѓаните на оваа земја. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат институции во кои ќе имаат доверба, кои ќе ги следат демократските вредности, кои се транспарентни и не прават компромиси. Вие имате одлични закони, ама бадијала се одлични ако не се почитуваат и ако не се применуваат – рече амбасадорката на САД.
Таа додаде дека ставањето на одредени личности на црната листа не значи дека САД ќе ги апси тие луѓе.
– Сигурно нема да дојдат САД и да апсат некого или да преземаат мерки против некои личности, но интересно ќе биде да се видат следните чекори. Ние добивме можност да изнајдеме докази против овие личности и тие докази се собрани овде, во земјава. Следните мерки зависат од надлежните органи и институции – порача Агелер.
Инаку, бизнисменот Камчев од вчера му прави друштво на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на „црната листа“ на САД поради корупција.
Нарекувајќи го „корумпиран бизнисмен“, американското Министерството за финансии ја нагласува посветеноста на САД да промовира одговорност за сите поединци и фирми кои ја поткопуваат или ја загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција и друго дестабилизирачко однесување.
Амбасадорката Агелер на денешната прес-конференција даде коментар и за последните изјави на специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој рече дека преговара со бугарската Влада за да спречи натамошни блокади на интеграцијата на земјава во ЕУ.
– Искрено, не сум разговарала ниту со Ескобар ниту со бугарскиот претседател Румен Радев, но на крајот на краиштата, ако луѓето тука се посветени на ЕУ и ако сакаат нивната земја да биде дел од европското семејство, тогаш воопшто не е ни важно мислењето на Ескобар или на Радев. Јас можам само да потврдам дека Ескобар одржува интензивни контакти и постојано разговара со сите чинители во процесот и дека неговата најголема надеж е Северна Македонија да се придвижи кон европските и евроатлантските интеграции – рече Агелер.