Министерот за здравство следниот месец ќе ги соопшти мерките за борба против пушење на цигари. Повтори дека мерките ќе бидат ригорозни, а за истите веќе се координира и со министрите во Владата. Меџити вели дека статистиките се загрижувачки и бараат интервенција за намалување на штетните последици по здравјето на населението.
„Ние не можеме да седиме со скрстени раце како министерство за здравство, мораме да преземеме мерки веднаш, а воедно ова се препораки и за да имаме поздраво население, јас ќе барам и ќе има информација и до Влада, во текот на јануари ќе биде потпишан меморандум со СЗО и точно ќе соопштиме кои ќе се мерките“, вели министерот за здравство Фатмир Меџити.
Лекарите од Институтот за јавно здравје оценуваат дека состојбата со пушењето цигари во земјава е поразителна и нагласуваат дека цигарите се ризик фактор за многу болести.
„Може да бидат и главен, но и спореден ризик фактор. Придонесуваат за многу болести, кардиоваскуларни, респираторни, малигни и заедно со нездравиот стил на живот придонесуваат за многу заболувања. Се надевам дека министерот заедно со неговиот тим ќе воведат нови мерки што ќе влијаат за подобро здравје на нашето население“, вели д-р Мартин Петровски од Институт за јавно здравје.
Освен цигарите, ризик фактор е и загадениот воздух. Додека мерките за цигари се во најава, на сила се веќе мерките за заштита од аерозагадувањето во Струмица и Кичево, откако штетните ПМ честички ги надминаа границите. Педијатрите велат дека најранливи на загадувањето се децата кои се почесто доаѓаат во ординациите со здравствени проблеми предизвикани од загадениот воздух.
„Долгорочните последици се по белодробјето, оштетување и добивање на последици како астмата, а во подем се и алергиите, не станува збор дали е сезона на алергии или не туку и зимниот и летниот период постојано постои појава на алергии, а тоа е токму поради тоа што белодробјето е нагризано и има подлога сето тоа да се развива“, вели д-р Ангелчо Андоновски – специјалист педијатар.
Дел од мерките за заштита од загадување предвидуваат ослободување од работа на бремените жени, хронично болните и лицата над 60 години, прилагодување на работното време на работниците кои работат на отворено од 11 до 17 часот, како и забрана за одржување спортски натпревари и настани на отворено. Но освен интервентните мерки, трајни решенија за загадувањето и натаму изостануваат.