На повидок е крај на пандемијата на Ковид-19

„Светот никогаш не бил во подобра позиција да стави крај на пандемијата на Ковид-19, која уби милиони луѓе од крајот на 2019 година“, изјави денеска шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејсус.

„Минатата недела неделниот број на смртни случаи од Ковид-19 падна на најниско ниво од март 2020 година. Никогаш не сме биле во подобра позиција да ставиме крај на пандемијата“, рече Гебрејсус.

„Некој што трча маратон не застанува кога ќе ја види целта, тој трча побргу со сета енергија што му останува. Така и ние“, рече шефот на СЗО.

Тој порача дека сите ја гледаат целта и дека се на пат да победат, но сега ќе биде најлошиот момент да се запре.

„Ако не ја искористиме оваа шанса, ризикуваме да имаме повеќе видови, повеќе смртни случаи, повеќе нарушувања и повеќе неизвесност“, предупреди тој и повика „да ја искористиме сегашната можност“.