На Онкологија 29 пациенти примале несоодветна терапија: обвинет д-р Нино Васев и други доктори

Со медицинските вештачења е утврдено дека кај 29 пациенти првообвинетиот применил несоодветно лекување, со што, тешко го нарушил здравјето на пациентите

Предметот „Онкологија“ е поделен на два дела – првото обвинение е за економското работење на клиниката и овде се опфатени две лица, екс медицинскиот директор д-р Нино Васев и организацискиот директор Нехат Нухи од Клиниката за онкологија, кои се обвинети за злоупотреба на службената положба, измама и за проневера на службата. Во периодот од 2018 до 2022 година, тие постапиле спротивно на Законот за здравствена заштита, на Закон за јавни набавки и прибавиле имотна корист за друг и нанеле штета од над 2,2 милијарди денари, информира денеска на прес-конференција обвинителката Ана Гоговска Јакимовска.

„Тие го довеле во заблуда Фондот за здравствено осигурување да изврши незаконита исплата за добавувачите на лекови, со што биле прибавени 430 милиони денари. Обвинетите, во врска со биолошката активна терапија, набавувале лекови на реверс без да постои основа за тоа, а за тоа спроведувале јавни набавки. Без комплетна документација обвинетите овозможувале верификација на реверсите за тие набавки. на тој начин организацискиот директор присвоил лекови од клиниката, за кои прибавил имотна корист од 13 милиони денари“, информира Гоговска Јакимовска.

Таа додаде дека второто обвинение се однесува на третманот на пациентите.

„Првообвинет е екс директор на клиниката, кој се товари дека извршил тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни. Со медицинските вештачења се докажа дека кај 29 пациенти тој употребил неподобен начин на лекување и со отстапување во дозирање и давал лекови со кои тешко го нарушил здравјето на пациентите. Второобвинетиот и други двајца лекари се обвинети за несовесно лекување болни, оти од лековите што ги давале пациентите немале корист“, додаде обвинителката.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на прес-конференцијата кажа дека Обвинителството обезбедило вештачења од Србија и Словенија, за да нема пристрасност и информира дека од сите прегледани медицински истории, 65 истории на пациенти биле издвоени испратени и анализирани од експерти.

„Во висок процент од нив, терапијата не била давана како што предвидуваат протоколите за лечење на овие болести. Истрагата обезбеди докази кои ги потврдија сомневањата дека на Клиниката се вршеле проневери со скапата биолошка терапија. И покрај констатираните кривични дела, на Клиниката работат и чесни професионалнци кои си ја знаат работата. Задача на ЈО е да ги гони сите кои со незаконски дејства го загрозиле животот на пациентите“, рече Јовески.

Неговиот колега Гаврил Бубевски кажа дека ако постоела дефиниција за сложен предмет, тоа бил овој.

„Јас посложен предмет немам работено. Злоупотребите највидливи беа од извештаите на Државниот завод за ревизија, но испитувавме и колку методите и протоколите што се потребни за лечење на тие пациенти се почитувани, имајќи ја предвид биолошката терапија. Искористени беа сите можни инструменти сите механизми за меѓународно право, употребена е и долгогодишна соработка со Европската развојна академија од Љубљана, Медицинскиот факултет во Марибор го изврши тоа вештачење“, рече тој.