
Државната изборна комисија (ДИК) одлучи дека на независните кандидати за локалните избори не им требаат потписи за да учествуваат со што ја разреши дилемата што постои неколку месеци по одлуката на Уставниот суд.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, изјави дека еден од заклучоците усвоени на седницата на ДИК бил да се стави надвор од сила се става Правилникот на ДИК за регулирање на постапката за собирање потписи.
Ставањето вон сила на ваквиот правилник, како што рече Кондарко, е согласно одлуката на Уставниот суд со која се укинаа членовите од Изборниот законик со кои се зголемија квотите на граѓански потписи кои требаше да ги соберат независните кандидати за градоначалници и листи за советници за учество на изборите.
„Во случајов не се работи за никаква одлука на ДИК, туку за директна примена на законот. Упатството се става вон сила поради одлуката на Уставниот суд со кој се укинати членовите 61 и 62 на Изборниот законик за собирањето потписи, односно за процентот и бројот на потребни потписи за кандидирање на листи“, изјави Кондарко.
И покрај тоа Зелен хуман град, една од независните организации, преку соопштение објави дека продолжува со собирање на потписи за формирање на партија.
„Зелен хуман град имаше средба со претседателот на ДИК, Кондарко, на која тој недвосмислено и во повеќе наврати изјави дека немал право да ги толкува законите и дека кога ќе треба, ДИК ќе бара автентично толкување на Изборниот законик од Собранието. Барањето до Собранието автентично да го толкува Изборниот законик во контекст на можноста независните да учествуваат на претстојните избори го поднесовме уште пред месец и половина и на тоа до денес нема никаков одговор. Во меѓувреме ДИК на седницата одржана вчера, на 9 август, го стави вон сила Правилникот за собирање потписи за независни кандидатури. Со ова, не постои никаква законски регулирана можност со која на независните кандидати ќе им се гарантира правото на излегување на избори. Како што денес поединци изјавуваат произволно дека нема потреба да се собираат потписи и секој што сака може да се кандидира на изборите, така утре истите тие поединци може да одлучат дека е тоа недопуштено или може да ги поништат изборите, а со тоа и нашето уставно право да бидеме дел од институциите“, велат од Зелен хуман град.
Тие апелираат до граѓаните уште поагилно да се вклучат и да им помогнат да соберат 1.000 потписи за да формираат партија, зашто така нивното учество на изборите не може да биде оспорено од ниту една институција.