
На медицински третман во Велика Британија заминува прва група палестински деца
Одлуката следи по писмо што минатата недела го упатија 96 пратеници од различни партии до владата, со повик болните и повредени деца од Газа да бидат веднаш евакуирани. Во писмото се предупредува дека децата се во ризик од непосредна смрт поради колапсот на здравствениот систем во Газа и дека сите пречки за нивната евакуација треба да се отстранат без одложување.
Група од 30 до 50 тешко болни и повредени палестински деца ќе биде евакуирани од Газа во Велика Британија на медицински третман во наредните недели. Станува збор за прва група која ќе пристигне во рамки на владината операција, јавува Би-Би-Си.
Операцијата ја координираат Министерството за надворешни работи, Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство на Велика Британија. Децата ќе ги избере Светската здравствена организација (СЗО), а ќе патуваат со членови на своите семејства преку трета земја, каде ќе бидат собрани биометриски податоци.
Одлуката следи по писмо што минатата недела го упатија 96 пратеници од различни партии до владата, со повик болните и повредени деца од Газа да бидат веднаш евакуирани. Во писмото се предупредува дека децата се во ризик од непосредна смрт поради колапсот на здравствениот систем во Газа и дека сите пречки за нивната евакуација треба да се отстранат без одложување.
Иако некои деца од Газа веќе биле приватно донесени на лекување во Велика Британија преку иницијативата „Project Pure Hope“, досега владата не спроведе ниту една евакуација во рамки на сопствената програма за време на конфликтот. Во август властите најавија дека плановите за доведување деца на лекување се забрзуваат.
Засега не е познато преку која трета земја ќе патуваат децата, колку точно ќе бидат опфатени и дали ќе има дополнителни групи. Се претпоставува дека дел од нив би можеле да останат во Британија и да поднесат барање за азил по завршувањето на третманот, имајќи предвид дека враќањето во Газа е неизвесно.
Децата кои ќе бидат донесени во рамки на владината програма ќе се лекуваат во Националната здравствена служба (НХС). Министерството за внатрешни работи соопшти дека биометриските проверки ќе бидат извршени пред патувањето на децата и нивните старатели.
Тешко болни Палестинци од Газа веќе се евакуирани и во други земји, меѓу кои и повеќе од 180 возрасни и деца во Италија.
Обединетите нации предупредија на широка неухранетост во Газа, а експерти минатиот месец изјавија дека се остварува „најлошото сценарио“ со глад. Израел, пак, тврди дека нема ограничувања за доставата на помош и ги обвинува ОН и другите организации за неуспешна дистрибуција.