На Мадуро ќе му се суди во САД, покренати обвиненија поврзани со оружје и дрога

Американската јавна обвинителка Пем Бонди изјави дека во судот во Јужниот округ на Њујорк се покренати обвиненија против венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој заедно со неговата сопруга беше заробен ноќеска во брзата интервенција на американската војска. Доналд Трамп кажа дека повеќе детали за акцијата ќе објави попладнево на прес-конференција.

„Мадуро е обвинет за заговор за нарко-тероризам, заговор за увоз на кокаин, поседување митралези и деструктивни направи и за заговор за користење митралези и деструктивни направи против САД. Наскоро ќе се соочи со целиот гнев на американската правда на американска почва во американските судови“, кажа Бонди, не наведувајќи за што е обвинета сопругата на Мадуро, Силија Флорес.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, претходно рекол дека на Мадуро ќе му се суди во САД и дека американската војска засега не планира натамошни акции против Венецуела.

Доналд Трамп објави дека САД го заробиле Мадуро откако утрово беа изведени напади на повеќе места во земјата.

„САД успешно изведоа голем напад врз Венецуела, а нејзиниот лидер Николас Мадуро, кој беше со неговата сопруга, е заробен и изнесен надвор од земјата. Оваа операција беше спроведена во соработка со американските служби за спроведување на законот“, кажа Трамп.

Потпретседателката на Венецуела, Делси Родригес, изјави дека владата не знае каде се наоѓаат Мадуро и првата дама Силија Флорес и побара докази дека тие се живи. Владата на Венецуела ги осуди нападите како чин на агресија и прогласи национална вонредна состојба. Покрај главниот град Каракас, напади имало и во покраините Миранда, Арагва и Ла Гваира, кажа владата.

САД долго време го обвинуваат Мадуро дека предводи меѓународна организација за трговија со дрога, што тој го негира. Вашингтон притоа понуди награда од 50 милиони долари за информации што ќе доведат до апсење на Мадуро.