На денешен ден пред 4 години во селото Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро од грчка страна беше потпишан Договорот од Преспа кој многумина го сметаат за историски.
Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Осум месеци по потпишувањето и откако беше ратификуван во двете земји, Договорот, на 12 февруари 2019 година, стапи во сила.
Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.
Договорот од Преспа го отвори патот за интеграција на нашата земја во евро- атлантските институции, но и го подигна нивото на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Грција.
Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО и сега веќе со Грција се сојузници во Алијансата, а токму грчките воени авиони се одговорни за надгледување на македонскиот воздушен простор.
Паралелно Преспа ги одмрзна односите меѓу двете земји и четири години подоцна се на завидно ниво, како од политички, така и од економски аспект.
Во изминатите четири години односите меѓу двете соседни земји се значително подобрени, без разлика на промената на власта во Грција и промените во македонската Влада.
Билатералните односи се на високо ниво, со можност и за дополнително продлабочување и подобрување.