На велосипед во сеќавање на жртвите и за поддршка на повредените во „Пулс“

Учествуваа неколку стотици велосипедисти и рекреативци од Кочани и од други градови, кои на овој начин оддадоа почит и испратија порака на солидарност и сеќавање на жртвите.

Од Паркот на Револуцијата во Кочани денеска после десет часот започна велосипедската тура што се возеше во чест на загинатите и  повредените во трагедијата од 16 март 2025. Учествуваа неколку стотици велосипедисти и рекреативци од Кочани и од други градови, кои на овој начин  оддадоа почит и  испратија порака на солидарност и сеќавање на жртвите.

Со една од групите на велосипед беше кочанскиот градоначалник Влатко Грозданов. Од Паркот на Револуцијата велосипедистите се упатија кон Оризари, пошто поминаа низ Прибачево, Грдовци, Мојанци, Подлог и покрај местото на трагичниот настан – „Пулс“, по што турата  заврши повторно во Паркот на Револуцијата.

Настанот е дел од тридневната  програма за одбележување на годишнината од трагичниот пожар во кој животот го загубија 63 млади лица, а над 200 се повредени.